X
 04.02.2021 Здравје

Објавен планот на КОВАКС - Македонија треба да добие 103.200 вакцини на Астра зенека/Оксфорд

КОВАКС-механизмот го објави планот за дистрибуција на повеќе од 330 милиони дози на вакцини против Ковид-19, кој се однесува на земјите во развој, а според кој, дозите ќе покријат околу 3,3 отсто од вкупното население на 145 земји што учествуваат во почетната фаза на дистрибуција.

Првата фаза од дистрибуцијата вклучува 336 милиони дози од вакцината на Астра зенека/Оксфорд, од кои 240 милиони се произведени од Институтот за серум во Индија, а 96 милиони од „Астра зенека“; како и 1,2 милион дози од вакцината на Фајзер/Бајонтек. Но, планот е необврзувачки и може да се промени, стои во документот.

Според КОВАКС, вакцините ќе им бидат доделени на земјите-учеснички пропорционално со големината на нивното население. На пример, Индија ќе добие најмногу - 97 милиони дози од вакцината на Аста зенека/Оксфорд, произведени од Институтот за серум во Индија. Во првичниот план за дистрибуција се внесени и некои богати земји, како Јужна Кореја, Канада, Нов Зеланд и Сингапур.

Според планот, Македонија треба да добие 103.200 вакцини од Астра зенека/Оксфорд произведени од „СК Биосајенс“.

Во однос на регионот, најмногу дози е предвидено да добие Србија (345.600), а потоа следуваат Босна и Херцеговина (153.600 од Астра зенека/СКБио и 23.400 од Фајзер/Бајонтек), Албанија (141.600 од Астра зенека/СКБио), Косово (100.800 од Астра зенека/СКБио) и Црна Гора (84.000 од Астра зенека/СКБио).

Двете вакцини што моментално се во иницијативата КОВАКС треба да се примаат во две дози за целосен имунитет. Факцината на Фајзер/Бајонтек треба да се чува на -75 Целзиусови степени, додека онаа на Астра зенека/Оксфорд може да се чува во фрижидер на температури од 2 до 8 степени барем половина година, со што се олеснува транспортот и дистрибуцијата. Но, само вакцината на Фајзер/Бајонтек е онаа што засега има одобрение за итна употреба од Светската здравствена организација. Според Си-ен-ен, во тек е евалуација на вакцината на Астра зенека/Оксфорд.

Испораката на вакцината на Астра зенека/Оксфорд се проценува дека ќе започне кон крајот на месецов, ако се исполнат сите барања, според планот за алокација.

Целта на КОВАКС е да испорача до 2 милијарди дози вакцини до помалку развиените земји до крајот на годинава, што би било доволно за вакцинација на повеќе од 20 отсто од населението на земјите-членки.

Но, долго време има прашања дали тоа ќе може да се постигне поради предизвиците во однос на добивањето доволно финансии и резерви.

Развиените земји го купија повеќето од првичните дози од достапните вакцини, но и тие наидоа на проблеми во обезбедувањето достава.

Извор: CNN
Насловна фотографија: Freepik

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје