Во понеделникот Мјанмар се најде на насловните страници низ светот откако армијата ја презеде контролата над државата. Лидерката на земјата, Аунг Сан Су Чи, и членови на нејзината партија се во домашен притвор.
Каде се наоѓа Мјанмар?
Мјанмар, позната и како Бурма, се наоѓа во Југоисточна Азија и се граничи со Тајланд, Лаос, Бангладеш, Кина и Индија. Има население од околу 54 милиони, од кои повеќето зборуваат бурмански јазик, иако се зборуваат и други јазици. Најголем град е Јангон, но главен град е Непјидо.
Главна религија е будизмот и во државата живеат многу етнички групи, вклучувајќи ги и муслиманите Рохинги. Името на земјата било сменето од Бурма во Мјанмар во 1989 кога на власт била армијата, по една година откако илјадници луѓе загинале во народно востание. Армијата
останала на власт од 1962 до 2011г., кога била формирана нова влада.
Што се случи сега и зошто?
Армијата повторно ја презеде власта и прогласи едногодишна вонредна состојба откако партијата на лидерката убедливо победи на изборите. Армијата ја поддржувала опозицијата, која барала повторно гласање и тврди дека имало изборна измама, иако изборната комисија изјавила дека нема докази за тоа. Државниот удар бил спроведен пред заседавањето на парламентот.
Кој е на власт сега?
Армијата вели дека лидер на државата во моментов е врховниот командант Мин Аунг Хлаинг. Тој успеал да остане на чело на армијата на Мјанмар долго време, дури и кога државата станала демократија. Други држави му изрекувале санкции и бил осудуван бидејќи се смета дека има главна улога во нападите врз етничките малцинства. Армијата веќе заменила повеќе министри и заменици, вклучувајќи ги оние за финансии, здравство, внатрешни и надворешни работи.
Фото: Аунг Сан Су Чи и Мин Аунг Хлаинг/Wikipedia
Која е Аунг Сан Су Чи?
Аунг Сан Су Чи станала позната во светот во 90-тите година кога водела кампања за да се врати демократијата во државата. Таа била во затвор речиси 15 години, од 1989 до 2021 поради организирање протести за демократски реформи и слободни избори. Добила Нобелова награда за мир додека била во домашен притвор во 1991 година. Во 2015, таа и нејзината партија победиле на првите избори во Мјанмар по 25 години.
Што се случува со Рохингите?
Репутацијата на Су Чи се влошила последниве години поради односот на државата кон муслиманите Рохинги. Мјанмар смета дека тие се нелегални имигранти и не им доделува државјанство, а со децении многу од нив бегаат за да не бидат затворени. Илјадници Рохинги биле убиени и над 700.000 избегале во Бангладеш по воена акција против нив во 2017 г.
Пред Меѓународниот суд за правда во 2019 г. Су Чи одрекувала дека армијата направила геноцид.
Фото: Протести во 2017/Wikipedia
Како реагираат државите низ светот?
ЕУ, Велика Британија и Обединетите нации го осудиле државниот удар, а Џо Бајден, претседател на САД, се заканил со санкции. Азиските земји изјавиле дека станува збор за внатрешен проблем во кој не сакаат да се мешаат.
Што може да се случи сега?
Су Чи ги повикала поддржувачите да протестираат, но улиците на Мјанмар остануваат тивки. Нејзината партија не планира да протестира, туку работи на мирно решавање на проблемот. Се очекува здравствените работници да штрајкуваат за да се ослободи Су Чи, а некои од нив носат црни ленти како знак за протест.
Автор: Алис Кади
Извор:
bbc.com