Општата конфузија во врска со обидот за државен удар во Турција поттикна голем број теории за природата на неуспешниот воен удар.
Откако автократскиот претседател Реџеп Таип Ердоган обидот за пуч го нарече „божји дар“, на социјалните мрежи и медиумите започнаа да се шират голем број тези кои укажуваат на неправилностите во извршувањето на државниот удар.
Турската војска, како ниту една друга војска е искусна во изведување на воени државни удари бидејќи имаше три во последните 60 години. Војската себеси се доживува како чувар на наследството на Ататурк и заштитник на секуларната држава и затоа државниот удар се наведува како причина за интервенција - пренасочување на власта од патот на секуларизмот и кршење на човековите права.
Но, првата нелогичност е упорното поврзување на овие структури блиски до Фетулах Ѓулен, кој и самиот е верски лидер и кој и самиот работел на ослабување на армијата и зајакнување на религиозното влијание во земјата.
Државната новинска агенција веднаш после почетокот на акцијата недвосмислено ги означи учесниците како терористи кои припаѓаат на групата FETO кои се лојални на Фетулах Ѓулен. Самиот Ѓулен во неколку наврати негираше дека стои позади државниот удар, па дури и остро го осуди обидот.
Трендовите на развојот на турската армија од доаѓањето на Ердоган се движат во повеќе насоки, бидејќи после измените во Уставот тој работеше на тоа во војската да воведе лојални луѓе кои би му овозможиле да има контрола. Но, се' почестите терористички напади и војната во Сирија го принудија професионално да ја зајакне војската, со што мораше да се откаже од дел од контролата врз воениот персонал.
Неко теоретичари државниот удар го споредија со палењето на Рајхстагот што Хитлер го искористи за изговор за да ги укине граѓанските слободи и да започне масовно апсење на политичките противници. На ова докажува податокот што скоро 3.000 судии вчера беа разрешени после обидот за државен удар.
Другото ниво е чистење на редовите во турската војска кое го најавија Ердоган и премиерот Бинали Јилдирим, кое започна со апсење на повеќе од илјада припадници на војската. Ердоган претходно повеќе пати организираше масовни апсења, но мета воглавно беше полицијата која за време на државниот удар целосно ѝ беше лојална на власта.
Рајан Хит, новинар и дописник на „Политика“, изјави дека станува збор за „лажен удар“ кој ќе му помогне на „лажниот борец за демократија“ (Ердоган).
„Сето ова ќе биде проследено со предвремени избори на кои сигурно ќе го добие поголемиот дел од гласовите. Ова ќе гарантира уште 10-15 години авторитарно владеење. Веројатно повторно ќе го промени Уставот во правец на целосно исчезнување на секуларните принципи“, наведува изворот на Хит.
Денес Јилдирим во таа насока најави измени на законот и можно враќање на смртната казна.
Не е режиран, но намерно дозволен?
Друга теорија е дека државниот удар не е режиран, но дека властите биле свесни дека е лошо организиран и слаб, па затоа е дозволено да се случи.
Еден од најочигледните пропусти е тоа што државниот удар започна, а Ердоган не беше фатен, туку му беше дозволено да се обрати на јавноста. Ердоган тврди и дека имаше обид за атентат, односно упад во хотелот каде престојувал, меѓутоа нема независна потврда за оваа информација.
Извештајот за тоа дека војската пукала врз цивилите исто така зборува за ниското ниво на контрола врз ситуацијата.
Никој официјално не застана позади ударот, не беше обезбедена поддршка од ниту една личност од самиот врв на војската, сите политички партии веднаш го осудија обидот за удар, а ниту светските сили немаа многу место за предомислување во врска со поддршката.
Кога ќе се земе во предвид бегалската криза и тоа што на ЕУ ѝ е потребна стабилност во Турција, Ердоган практично доби совршено сценарио.