X
 04.04.2023 Наука

Мумиите се можен извор на смртоносни габични инфекции

Мексиканскиот национален институт за антропологија и историја предупреди дека мумиите што се изложени во Мексико Сити може да претставуваат закана за здравјето на луѓето.

Позната како „Мумиите на Гуанхуато“, изложбата што во 2009 година е претставена и во САД, неодамна, во Мексико Сити, каде што биле изложени шест мумии во стаклени куќишта, поттикна загриженост кај стручњаците, особено имајќи предвид дека не се знае дали тие стаклени кутии се херметички затворени и доволно безбедни. Институтот соопшти дека можна појава на габи на таква „патувачка изложба“ предизвикува загриженост за болести поради начинот на кој се управува со мумиите при претставувањето во јавноста.

- Уште повознемирувачко е што тие сè уште се изложени без никакви заштитни мерки за јавноста од биолошки опасности. Од некои од објавените фотографии, барем еден од изложените трупови кој Институтот го прегледал во ноември 2021 година, покажува знаци на пролиферација на можни габични појави - се вели во соопштението.

Смртоносните габични инфекции кај мумија се ретки, но не и невообичаени. Според „ИФЛ Сајенс“, 10 од 12 научници присутни на отворањето на гробот на кралот Казимир Четврти во Полска, 1970 година, починале неколку недели по настанот, веројатно од габична инфекција.

- Сѐ тоа треба внимателно да се проучи за да се увиди дали има знаци на опасност за културното наследство, како и за оние што се занимаваат со тоа и посетителите кои доаѓаат да ги видат - предупредуваат од Институтот.

Мумиите се дел од мексиканската култура уште од 60-тите години на 19 век. Кога семејствата на починатиот не можеле да плаќаат давачки за погреб, телото било мумифицирано.Таквото зачувување на мртво тело се покажало делотворно и доволно занимливо за љубопитните граѓани и посетители, кои биле подготвени и да платат за да ги видат мумиите. Околу 1900 година некои тела биле намерно оставано со прекрстени раце над градите и отворени вилици заради впечаток дека мумијата вреска, што сѐ уште предизвикува контроверзии.

Според „Нешенл џиографик“, од 1969 година експонатите се изложени во новиот Музеј на мумиите (Museo de las Momias) во Гуанхуато.

- Тоа се само обични луѓе кои дадваат информации за периодот во кој живееле. Оделе по овие улици, на стариот пазар... Тие не треба да бидат претставени како изроди - нагласи Џералд Конлог, почесен професор по дијагностичка слика на Универзитетот „Квинипијак“ во Хамден, Конектикат, САД.

Во февруари 2022 година започнаа напори да се идентификуваат мумиите.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука