Долгогодишниот претседател на Југославија, Јосип Броз-Тито, бил познат по својата богата колекција на подароци од целиот свет. Тој добивал подароци на многубројни официјални посети и дипломатски средби.
Повеќето од овие вредни предмети од колекцијата на Јосип Броз-Тито сега се чуваат во Музејот на Југославија во Белград, каде што посетителите можат да ѕирнат во фасцинантната колекција што вклучува сè, од егзотична уметност до скапоцени рачно изработени предмети.
Сепак, еден подарок се издвојува по својата уникатност и скапоценост. Четирите камења што Нил Армстронг и Баз Олдрин ги донеле од Месечината завршиле кај Тито, а денес се чуваат во гореспоменатиот музеј.
Овој интересен факт го споделила историчарката Невена Ковачевиќ на својот „Инстаграм“.
Камењата вредат 500.000 долари
- Четирите камења што Нил Армстронг и Баз Олдрин ги донесоа од Месечината, кои Ричард Никсон му ги испрати на Јосип Броз-Тито во 1970 година, според проценките на НАСА, вредат неверојатни 500.000 долари. Камењата што им беа испратени на луѓето од Југославија се во Музејот на Југославија - напишала таа.
Таа открила и повеќе детали.
- Пред камењата да пристигнат во Југославија, астронаутите што беа на Месечината ја посетија земјата, што беше голема чест. Тројцата астронаути го добија Орденот на југословенската ѕвезда со лента од Тито, а потоа се прошетаа со отворен автомобил низ центарот на Белград. Имаше голема прослава и следната година Никсон испрати камења во Југославија. Покрај овие камења, астронаутите го донесоа и знамето на СФРЈ што патуваше со нив до Месечината и назад. Фактот дека Никсон им подарил камења од Месечината на луѓето од Југославија, а тројца астронаути ја посетиле Југославија, единствената комунистичка земја на нивната маршрута, кажува за единствената позиција што ја имаше Југославија за време на Студената војна - открила Ковачевиќ.
Извор: 6yka.com
Фото: Wikipedia