X
 04.05.2019 Живот

Прекрасна глетка: Вид пчели што спијат стуткани во цвеќиња

Пчелите ни се многу потребни. Тие се најважниот опрашувач на културите за храна. Всушност, се проценува дека една третина од храната што ја консумираме секојдневно се потпира на опрашувањето од пчелите. Но, колку и да сме навикнати да ги гледаме како брмчат и работат околу нас, и ним им е потребен добар сон.

Неодамна фотографот Џо Нили, кој се занимава со фотографирање на дивиот свет, успеал да фотографира две пчели како спијат во цвеќе. Фотографијата ја прикажува прекрасната страна на пчелите што ретко ја гледаме.

2
Фото: jmneelyphotography.com

- Приказната зад овие фотографии почнува кога јас и мојата свршеница Никол излеговме да бараме пупки од цвеќиња. На враќање пронајдовме цело поле со розови цвеќиња покрај автопатот, па застанавме да направиме неколку фотографии. Никол фотографираше еден портокалов цвет скриен меѓу розовите цвеќиња. Таа слушна дека нешто брмчи. Забележа дека во некои од цвеќињата има пчели, меѓутоа, тие воопшто не се движеа. Се доближив и почнав да ги истражувам. Забележав како една пчела влегува во отвореното цвеќе заедно со уште една. Воодушевен бев.

Не знаев дека постојат пчели што спијат во цвеќиња. Овој вид пчели, наречени Diadasia diminuta, спијат во портокалови цвеќиња наречени „Globe Mallows“.

4
Фото: jmneelyphotography.com

Кога станува збор за спиењето на пчелите, постојат неколку интересни детали.

- Пчелите немаат очни капаци, така што не можете да барате пчели со затворени очи - вели Брендон Хопкинс, истражувач за пчели од Државниот универзитет во Вашингтон.

- Со внимателно набљудување на пчелите научниците откриле дека медоносните пчели престануваат да ги мрдаат антените додека спијат - додава тој.

5
Фото: jmneelyphotography.com

Не се знае точно како и каде спијат пчелите бидејќи зависи од тоа каде живеат. Впрочем, постојат повеќе од 20.000 познати видови пчели што живеат на нашата планета. Медоносните пчели, на пример, работат дење и ноќе и се менуваат во смени, а спијат во кошницата. Нивната шема на спиење се менува како што растат. Младите пчели спијат помалку, но постарите спијат помеѓу 30 минути и еден и пол час секоја ноќ, а понекогаш нивните дремки траат од 15 до 30 секунди.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот