X
 27.04.2018 Наука

Предупредување од научниците: Кравите би можеле да бидат најголемите цицачи на Земјата

Ако изумирањето на видовите продолжи со толкава брзина, научниците предупредуваат дека кравите би можеле да станат најголемите цицачи на Земјата. Овие мирољубиви животни би можеле да бидат најголемите жители на Земјата што ќе го преживеат ловот во наредните стотина години.

„Големината е проблем само кога се вклучени луѓето. Ние сме ефикасни предатори веќе долго време, и тоа е едноставно во нашата природа“, изјави Фелиса Смит, професорка по биологија од Универзитетот во Њу Мексико и главен автор на истражувањето.

„Видовите што исчезнаа главно беа два-три пати поголеми од цицачите што преживеале, во овој глобален тренд“, се наведува во истражувањето, што покажува дека големината е поврзана со стапката на изумирање. Повеќето денешни цицачи се помали од оние што живееле пред илјадници или милиони години.

Ако овој тренд продолжи, најголемиот цицач на Земјата за неколку стотици години ќе биде кравата тешка околу 900 килограми“, пишува во истражувањето.

Како што вели Смит, тврдењата дека климатските промени се одговорни за исчезнувањето на мамутите, големите слонови, носорогот и слично се неточни. Иако ледената доба ги променила живеалиштата и начинот на кој живееле, па и животните морале да се приспособат, тоа не било главната причина за нивното истребување.

Таа вели дека животните, кога живеалиштето не им одговарало, едноставно се преселиле, но тоа им станувало сè помалку и помалку возможно поради постојаното зголемување на населението. Нејзиниот истражувачки тим ги разгледал податоците на секој континент во интервали од милион години, за период од 65 милиони години. Вели дека влијанието на човечките населби во и надвор од африканскиот континент пред 125.000 години е „шокантно“.

И тогаш цицачите просечно биле за 50 отсто помалку на број од оние што живееле на континентите каде што луѓето не „пуштиле корени“. Ако овој тренд продолжи со истото темпо, просечната тежина на цицачите би можела да падне на помалку од 3 килограми.

Токму поради големината и развојот на светското население, големите животни станаа добар извор на храна, а развојот на цивилизацијата овозможил нивно брзо уништување.

Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука