X
 20.08.2021 Живот

Бегање, губење заб, паѓање: Што вели науката за соништата што се повторуваат?

Речиси две третини од населението имаат соништа што се повторуваат. Која е причината за овој феномен?

Според науката, соништата што се повторуваат може да се показател на нерешен конфликт и најчесто се појавуваат за време на стрес. Тие ја имаат истата тематика, а понекогаш и истата приказна. Точната содржина на овие соништа се разликува од лице до лице, но најчести се бегање од некого, паѓање, неподготвеност за тест, доцнење или постојано обидување да се направи нешто.


Фото: Pixabay

Поголемиот дел од овие соништа имаат негативна содржина и вклучуваат емоции како страв, тага, лутина или вина. Лицето сонува дека е во опасност во над половина од соништата што се повторуваат, иако некои од овие соништа може да бидат позитивни.

Зошто се јавуваат соништата што се повторуваат?

Според истражувањата, сите соништа ни помагаат да ги регулираме емоциите и да се адаптираме на стресни настани. Во случајот со соништата што се повторуваат, тие можеби претставуваат неуспешен обид да се регулираат одредени тешки искуства. Според многу теории, соништата што се повторуваат се поврзани со нерешени проблеми или конфликти. Одредени истражувања ги поврзуваат овие соништа со намалена благосостојба, како и анксиозност и депресија.

Соништата што се повторуваат честопати ги одразуваат емоционалните грижи на метафорички начин. На пример, сонот за цунами често се јавува по траума или насилство. Сонот во кој сте несоодветно облечени или голи, како и оној во кој не може да најдете тоалет, може да претставуваат засраменост или скромност.


Фото: Pixabay

Сепак, темите на соништата се разликуваат помеѓу луѓето, а има повеќе теории за ова. Меѓу другото, некои соништа може да се објаснат и со физички ситуации. Во истражување од 2018 г. било откриено дека сонувањето дека ви паднал заб е поврзано со чкрипењето со забите за време на спиењето или друг проблем со забите.

Постојат терапии за намалување на соништата што се повторуваат. Една техника е визуализација на кошмарот додека сте будни и негово свесно менување во позитивна приказна. Второ решение може да биде и луцидното сонување, во кое лицето е свесно дека сонува и понекогаш може да влијае врз содржината на сонот.

Извор: The Conversation
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот