Откако ќе прочитаме некоја книга, не треба повторно да ја читаме, туку да ја затвориме, да ја тргнеме настрана и со насмевка да се сеќаваме на приказната, тоа нека ни биде ново искуство што го оставаме зад себе, како еден убав спомен.
А потоа да земеме нова книга и да тргнеме отпочеток, со некои нови актери и главни ликови...
Без да го знаеме нејзиниот почеток, па ни крај. Да уживаме во секоја страница, во секој момент, сè до крајот, сè до последната страница, што ќе нè одведе до ново искуство, некои нови спомени и до крајот на некоја друга приказна. Животот не е само една книга, туку многу повеќе. Од мали почнуваме да ги читаме.
Да учиме да читаме, да живееме, да чувствуваме. Поаѓаме од книга со помалку страници, па со тек на време читаме сè подебели и посериозни книги. Сè до онаа последната, најдебелата. Таа што се чита многу долго, со години, која ќе ја завршиме читајќи ја в кревет, во прегратката на саканата личност, а потоа ќе потонеме во сон, засекогаш.