X
 28.05.2024 Живот

Невозможно е да бидете сами - како изгледа животот на еден од најгусто населените острови на светот

Јутјуберот Рухи Ценет го посетил Санта Круз дел Ислоте во Колумбија, еден од најгусто населените острови во светот, и снимил како изгледа животот на локалното население, кое живее на површина на едно просечно фудбалско игралиште.

Во регион со типично ненаселени архипелази каде што заштитените корални гребени се дом на шарени птици и морски желки, виталноста на Санта Круз дел Ислоте доаѓа од неговите жители.

Приближно 600 луѓе живеат на површина од  2,5 хектари, што го прави Санта Круз дел Ислоте едно од најгусто населените места во светот. Пред повеќе од еден век рибарите го изградиле островот на корална платформа пред да се населат, задоволни од неговата прекрасна локација и тоа што немало комарци. Со текот на годините семејствата на првобитните жители се зголемиле, а повеќето од нив никогаш не го напуштиле островот. Местото е толку преполно што еден од жителите прикажан на видеото секојдневно вежба во близина на измет од кучиња, а хаотичниот живот овде бара нови приспособувања.

- Откако пристигнавме на островот, постојано се среќаваме со луѓе каде и да се свртиме. Луѓе излегуваат од секој агол. Невозможно е да се биде сам на овие преполни улици. Секоја куќа овде има десетици луѓе кои живеат заедно во мали соби - рекол Рухи.

 

Жителите имаат само шест различни презимиња, што е доказ за тоа колку се блиски по крв. Куќите обоени во зелена, жолта и сина боја се предаваат со генерации и нема простор за градба: ако на семејството му треба дополнителен простор, гради втор кат.

Нема полициско присуство на Санта Круз дел Ислоте и нема потреба од тоа. На овој мал остров каде што сите се познаваат и луѓето се грижат едни за други, никој не ги заклучува вратите и никогаш не е пријавен криминал. На островот има четири главни улици, од кои ниту една не е доволно широка за автомобили или камиони, а бидејќи растојанијата се кратки, луѓето пешачат или користат чамци за да се движат наоколу.

Речиси 65 отсто од жителите на Санта Круз дел Ислоте се на возраст под 18 години, што покажува колку родителите ја ценат оваа безбедна средина. Има едно училиште кое завршува со 10. одделение, а учениците што сакаат да го продолжат своето образование ги напуштаат своите домови, но многумина се враќаат на островот.

Извор: klix.ba

Фото: 

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот