На Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, здравствените претставници разговараа за важноста да се подготви светот за друга можна пандемија, наречена „болест х“.
Светската здравствена организација (СЗО) претходно предупреди дека таквата подготовка е од суштинско значење за да се избегне катастрофата забележана за време на ковид-пандемијата, кога здравствените системи не беа во можност да се справат со бројот на заразени и болни, а беа изгубени милијарди долари.
Што е болест х?
Болеста х не постои. Ова хипотетичко име СЗО го користи за некоја засега непозната заразна инфекција која може да предизвика епидемија или, доколку се прошири во неколку земји или континенти, пандемија.
Името беше измислено пред избувнувањето на ковид-пандемијата. Се најде на листата со примарни болести објавена од СЗО во февруари 2018 година.
Планот за истражување и развој е глобална стратегија дизајнирана од група експерти собрани од СЗО. Се состои од планови за подготвеност кои овозможуваат брзо активирање на активностите за истражување и развој за време на епидемии.
Целта на нацртот е да се забрза достапноста на ефективни тестови, вакцини и лекови кои може да се користат за да се спасат животи и да се избегне криза од големи размери.
Во последните години имаше неколку епидемии: САРС (тежок акутен респираторен синдром), свински грип, МЕРС (акутен респираторен синдром на Блискиот Исток), ебола и ковид-19.
Експертите стравуваат дека следната голема пандемија демне зад аголот и дека може да биде посериозна од онаа предизвикана од коронавирусот.
Дали болеста х ќе предизвика пандемија?
Иако во моментов не постои болест х, истражувачите, научниците и експертите ќе создадат акционен план за борба против таков вирус, кој ќе ги подготви националните здравствени системи за можна пандемија.
На Светскиот економски форум минатата недела, за време на панел-дискусијата „Подготовка за болеста х“, шефот на СЗО, д-р Тедрос Гебрејесус, рече дека се потребни дополнителни напори за да се подготват здравствените системи за повеќекратните предизвици што ни претстојат во случај на појава на многу посмртоносна пандемија.
- Се разбира, некои луѓе велат дека ова може да предизвика паника. Но, подобро е да се предвиди нешто што може да се случи бидејќи се случило многу пати во нашата историја, па да бидеме подготвени за тоа - рече тој.
Повеќето од овие експерти се загрижени поради тоа што пандемиите доаѓаат од животните. Имено, 75 отсто од новонастанатите болести се зоонози. Станува збор за термин кој се користи за опишување заразна болест која може да се пренесе од животните на луѓето.
Фото: Freepik
Истото беше и со ковид-19, за кој се верува дека потекнува од панголини кои се продавале на пазарите во Кина. Но, како и случајот со ковид-19, се смета дека зоонозите стануваат поризични поради човечкото однесување.
Човечкото влијание врз климата, навлегувањето во живеалиштата на дивиот свет и патувањата низ светот помагаат во ширењето на болестите што ги пренесуваат животните. Во комбинација со урбанизацијата, пренаселеноста и глобалната трговија, според некои експерти, создадено е идеалното сценарио за нови пандемии.
Како ќе се подготви светот за следната пандемија?
На панел-дискусијата на Светскиот економски форум, д-р Тедрос рече дека СЗО веќе почнала да спроведува мерки за следната епидемија.
Меѓу овие мерки се и формирањето фонд за пандемија и центар за трансфер на технологија во Јужна Африка, што ќе овозможи локално производство на вакцини и ќе помогне да се надмине нееднаквата достапност на вакцините во земјите со високи и ниски приходи.
Во својот извештај за 2022 година, Европскиот центар за превенција и контрола на болести препорача наместо да се развиваат нови системи за пандемии, да се зајакнат постојните. Исто така, тој препорача сите нови системи да се тестираат пред појавата на нова пандемија.
Во јуни 2022 година СЗО објави 10 предлози за зајакнување на континуираното, систематско собирање, анализа и интерпретација на податоците поврзани со здравјето.
- Ефективниот систем за надзор на болеста е од суштинско значење за брзо откривање епидемии на болеста пред тие да се шират, да ги загрозат животите и да станат тешки за контрола - се вели во предлозите.
СЗО, исто така, признава дека епидемиите не секогаш потекнуваат од идентификуван извор, туку дека тие може да бидат предизвикани од патоген за кој во моментов не е познато дека предизвикува болест кај луѓето.
И повеќето луѓе предвидуваат понатамошен напредок во развојот на технологијата за вакцини.
Неколку вакцини за ковид-19 беа достапни низ светот во рок од една година од избувнувањето, што е значајно за развојот на вакцините поради брзината со која се развиваат.
Во иднина, научниците треба да бидат во можност брзо да ги приспособат постојните формули за вакцини за да создадат нови кои ќе помогнат да се заштитат луѓето од болести.
Извор:
ВВС
Фото: Freepik