Квалитетно образование, без дилема, може да се добие само во училишните клупи. Најбезбедно би било да не се отворат училиштата, но тоа оди на штета на квалитетот на образованието. Треба да најдеме најсоодветно решение како ќе почне новата учебна година, рече министерот за образование и наука Арбер Адеми на брифингот кој тукушто заврши во Министерството за образование и наука.
Адеми рече дека ова е најтешката одлука на секоја влада. Утрово тој присуствувал на состанокот на Комисијата за заразни болести.
- На состанокот присуствуваа професори, колеги, епидемиолози, побарав одговорност од сите. Зборувавме за сите предизвици. Многу земји предвидоа различни модели. Едни ги отворија училиштата и за неколку дена повторно ги затворија. Други ги отворија и продолжија така, иако ученици се разболуваа. Мора да бидеме одговорни и за образованието на децата, но не смееме да дозволиме училиштата да станат жаришта на Ковид-19. Јас сум за настава со физичко присуство, но нема тврдоглаво да се држам до тој став. Сите заедно и одговорно ќе решиме во зависност од тоа како ќе се одвива епидемиолошката состојба - рече Адеми.
На прашањето дали се размислува за имунизација на учениците од Ковид-19, тој рече дека не е компетентен да дискутира за тоа.