X
 04.06.2019 Живот

Велика Британија размислува да воведе данок на нездравата храна

Британската главна здравствена претставничка размислува за воведување данок на нездравата храна за да се намали порастот на деца со прекумерна тежина и да се убедат родителите да купуваат свежо овошје и зеленчук. Анализата на професорката Сали Дејвис ќе ја испитува оваа идеја, како и други мерки со кои до 2030 година би се преполовил бројот на деца со прекумерна тежина. Повеќе од 20.000 деца во основните училишта во Велика Британија минатата година на крајот од училишната година биле класифицирани како дебели.

Иако прехранбената индустрија тврди дека зголемувањето на данокот на висококалоричната храна, како што се колачињата, пицата и готовите оброци, нема да ги спречи потрошувачите да ги купуваат, Сали Дејвис сериозно размислува за оваа идеја.

- Сакам да ги поттикнам родителите да купуваат поздрава храна. Мора да се погрижиме свежото овошје и зеленчук да бидат евтини. Можеби ќе мора да ги субвенционираме така што ќе ја оданочиме нездравата храна. Тогаш родителите ќе бидат поттикнати да купуваат поздрава храна затоа што ќе биде поевтина - вели Дејвис.

Во декември Дејвис најави дека сака да изврши притисок врз владата за дополнително намалување на количината на шеќер и сол во секојдневната храна, по успехот на оданочувањето на засладените пијалаци, кое било воведено во 2017 година. Сепак, нејзиниот план што сега вклучува дополнително оданочување за храната полна со шеќери за бебиња допрва треба да се финализира.

britanija
Фото: 123RF

Овие идеи следуваат по предлогот на британскиот министер за здравство Мет Хенкок да се подигне свеста на родителите за дебелината во Обединетото Кралство. Хенкок изјави дека верува во „насочена поддршка“ кон семејствата, нагласувајќи ја програмата во Лидс, кој станал првиот британски град во кој луѓето сè помалку имаат проблем со телесната тежина.

Две неодамнешни истражувања ги поврзуваат готовите оброци и другата храна со високо ниво на додадени масти и шеќери, со зголемен ризик од срцеви заболувања и мозочен удар. Новото истражување покажа дека оние што консумираат четири порции ваква храна дневно имаат 62 отсто поголем ризик од прерана смрт во споредба со оние што консумираат помалку од две опции дневно.

Што е данок на шеќер?


Во март 2016 година тогашниот министер за финансии Џорџ Озборн најави 520 милиони фунти данок за пијалаците со шеќер, како дел од борбата против дебелината кај децата.

Зошто е воведен данок на шеќер?


Британскиот национален здравствен систем може да заштеди 15 милијарди фунти и да спаси речиси 80.000 животи во една генерација кога би се намалило консумирањето на шеќер. Денешните деца и тинејџери консумираат трипати повеќе шеќер од препорачаната доза.

Зошто е ова контроверзно?


Некои луѓе се огорчени поради дополнителен данок на нешто што не е штетно во умерени количини и не сакаат „држава-дадилка“ што ќе се меша во нивниот избор.

Што точно се оданочува?

Постојат два главни даноци: еден на вкупната содржина на шеќер поголема од 5 грама на 100 милилитри и другиот на повеќето пијалаци со повеќе од 8 грама шеќер на 100 милилитри. Чистите овошни сокови и пијалаци на база на млеко се ослободени од данок.

Дали данокот е единствено решение?


Не, има и други препораки: укинување на попустите на засладена храна и пијалаци, национална програма за намалување на содржината на шеќер во секојдневната храна и пијалак, забрана за чување на засладената храна на посебни места во супермаркетите, ограничување на рекламирањето храна со шеќери на телевизија, интернет и слично.

Дали може да биде ефективно?

Слични даноци постојат во пет други земји, а некои нивни методи ја намалиле консумацијата на газирани пијалаци и до една четвртина. Данокот на шеќер во Мексико во првата година ја намалил продажбата на газирани пијалаци за 12 отсто.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот