Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите
„Пасијата е двигател на човекот, тоа што сака да го прави, го прави без разлика на сè. Како ученик, пасија ми беше спортот, а сега тоа е вештачката интелигенција“, вели за својот животен пат Ѓорѓи Маџаров, професор на ФИНКИ и истражувач во полето на вештачката интелигенција.
Професорот Маџаров работи во полето на машинското учење и софтверското инженерство и е еден од основачите на стартап-компанијата „Елевејт глобал“, која работи предиктивно моделирање за потребите на енергетскиот сектор. Маџаров никогаш не мислел дека ќе има своја компанија која ќе ја промовира на светскиот пазар, особено не додека фрлал топка на 40 Целзиусови степени на маалскиот кош во родниот Велес.
- Мојата приказна почна од шутирање на кошот поставен на бандерата во Градскиот пазар. Тогаш идоли ми беа Мајкл Џордан и „Чикаго булс“, а спортот ми беше најголема пасија. Првиот пример за тоа каков треба да бидам ми го остави мојот тренер по гимнастика - Трајче Нецинов. Додека другите наставници се дружеа меѓу себе, Трајче седеше со нас, децата, и ни ги раскажуваше своите животни патешествија. Тоа ми остави силен впечаток. Градењето став за почитување на другите, на постарите и поискусните. Може да се научи од секого, па дури и од тој што лежи можеш да научиш нешто, да научиш како да лежиш - со насмевка се присетува професорот Маџаров.
Преку спортот гради карактер на трпеливост и правилно расудување, потребни во компјутерската наука
Тој е еден од ретките научници што го граделе животниот пат и успех врз спортот и секогаш потенцира дека благодарение на него, изградил карактер на трпеливост и правилно расудување, подоцна потребни во компјутерската наука.
- Го градев мојот дух со спортскиот начин на живот, со ритамот на легнување и станување додека играв одбојка или додека се обучував за спасител на вода. Знаевме да се натпреваруваме во секоја игра, од улица до училиште. Денес тоа најмногу ни недостига. Постојано бев со спортот, едноставно го сакав и никогаш не бев премногу врзан со учењето. Учев онолку колку што требаше за да бидам добар, да бидам одличен, но не за да бидам најдобар или најистакнат. Спортот е здрав дух, перцепција и правилно расудување во тешки моменти. Кога ми е најтешко, најмногу сила црпам од спортот. Многу е тешко спортска личност која ги поминала сите фази во спортот да ја натерате да падне психички - вели за себе Маџаров.
Натпревар во знаења
Интересот за компјутерска наука кај него се појавил во средно училиште, во математичката паралелка во која сите се натпреварувале со знаења.
- Голем дел од таа група заминавме на Електро зашто мислевме дека таму е иднината. Кога видовме што може да постигне компјутерската наука, која кај нас беше во зародиш, силно ја засакавме.
Дисциплина и гимнастика на мозокот
Кога почнал со студиите на Факултетот за електротехника и информатички технологии, сфатил дека мора да ги прекине тренинзите во одбојкарскиот клуб „Вардар“ за да се посвети на вежбите затоа што тогаш многу време се поминувало во лабораторија.
- Тогаш немаше ресурси на интернет, главен извор ни беа книгите или скриптите на професорот. Бев дисциплиниран исто како и во спортот, само што ова беше гимнастика на мозокот. Сакам да учам нови работи, па затоа немав пропуштено предавање. Граници за човекот не постојат. Прва година ја завршив со просек десет, неочекувано за мене и моите родители, кои ме испратија на студии со „аманет“ да ги завршам побрзо и да не одолжувам затоа што финансиите се ограничени - раскажува професорот.
Во Словенија видов како изгледа една истражувачка институција
Откако дипломирал, Ѓорѓи Маџаров се вработил во „Нетцетера“. Таму се задржал само три месеци, по што заминал за да биде демонстратор на факултет. Следувале двете години на магистерски студии, по што добил понуда од Словенија за докторски студии, но одлучил да не замине и да запише докторат тука, во Македонија. За време на докторските студии Маџаров бил на едногодишен престој во Словенија кај професорот Сашо Џеровски.
- Во Словенија видов како изгледа една истражувачка институција, која ние ја немаме и ќе ја немаме уште долги години. Се вратив тука, докторирав и започнав кариера на факултет, како доцент.
Како настанала компанијата за вештачка интелигенција
Професорот Маџаров никогаш не мислел дека ќе има своја компанија која ќе ја промовира на светскиот пазар за вештачка интелигенција. Денес таа е реалност и во фаза на агресивен маркетинг.
- Коосновачот на „Нетфликс“, Марк Рендолф еднаш кажа: „Никој не знае што прави“. Тоа е како да се пуштате низ вода и не знаете кај ќе ве исфрли реката. Идејата беше на еден мој колега, Горан Стојановски, и се случи некаде на крајот од 2018 година. Тој беше доцент на Електро, а јас во меѓувреме се префрлив на ФИНКИ и сакавме да се видиме на кафе-муабет. Ми рече: „Јас сакам да основам компанија затоа што гледам дека вештачката интелигенција е иднината“. Правевме комбинации, започнавме одредени истражувања со помош на колеги-студенти, започнавме со работа, добивме идеја и ја претставивме на неколку места. Сега сме во фаза на агресивен маркетинг на производот и буквално чекаме да видиме дали можеме да се издигнеме на нивото да се претвориме во светска компанија. Моментално сме присутни локално и регионално, но сакаме релативно брзо да се вклучиме на светскиот пазар.
Маџаров и Стојановски ја претставиле идејата во Берлин кон крајот на 2019 година и освоиле прво место. Потоа требало да одат во САД, но се случи пандемијата и почнале да работат тука, а успеале да добијат и финансии од Фондот за иновации и инвестиција од акцелераторот на УКИМ.
Софтверот - своевиден енергетски Вол стрит
- „Елевејт глобал“ изработува продукти кои вклучуваат потреба од вештачка интелигенција и машинско учење за предвидување временски серии од енергетски податоци. Тоа значи дека наша задача е да изигруваме модерна баба Ванѓа и да овозможиме оптимизација на количината на произведена енергија во однос на побарувачката. Тука не станува збор за предвидување на количината на произведена енергија од термоцентрали или хидроцентрали, за кои може многу прецизно да се планира нивното производство. Станува збор за енергијата произведена од обновливи извори и ветерници. Кај овие извори производството зависи од временските услови и многу е непредвидливо колку енергија ќе произведеш. Целта е да ја искористиме произведената енергија од обновливи извори и само тоа што ни недостига да го дополниме од традиционалните извори на енергија. И колку поточно ќе предвидиме, толку поточно ќе можеме да планираме во следните денови колку енергија ќе ни треба од традиционалните извори за да можеме да го надополниме тој недостиг. Ако предвидувањето е непрецизно, ќе имаме поголем недостиг или вишок енергија, енергија која ќе треба да ја обезбедиме (купиме) или енергија која ќе треба да ја складираме. Тоа е залудно произведена енергија која дополнително придонесува за зголемување на јаглеродниот отпечаток – објаснува Маџаров.
Софтверот, кој е своевиден енергетски Вол стрит затоа што со него може да се прогнозира и оптимизира потрошувачката на енергија, процесира огромен број на податоци во форма на временски серии. Платформата на „Елевејт“ работи со помош на доменско знаење кое е внесено од тимот благодарение на познавањата на начинот на функционирање на енергетските мрежи.
- Ако истиот модел го репродуцираме за финансиски податоци, тој нема да функционира затоа што моделот нема доменско знаење за финансиски податоци. Прашањето е зошто тоа не го правиме за финансиски податоци? Тие зависат од многу фактори. Една изјава на влијателна личност може драстично да влијае врз пазарот. Финансиските пазари се многу променливи, може да се предвидуваат, но квалитетот е мал и мали турбуленции може да донесат загуби. Во енергетскиот свет сè се должи на законите на физиката, а не на нечија изјава. Дополнително, нашата платформа се користеше за процесирање на 350.000 протоколски пораки во една секунда на телефонска мрежа за да го следи квалитетот на сервисот за воспоставување повици кај ВОИП-комуникација. Ова беше проект во Германија каде што го мониториравме и анализиравме сообраќајот во рамките на една цела мрежа - дополни Маџаров.
Во пандемија на студентите им фали натпревар
Иако е експерт по компјутерски науки, д-р Ѓорѓи Маџаров смета дека виртуелната настава што ја наложи пандемијата на ковид-19 не придонела за подобрување на образовниот систем и дека ништо не може да го замени непосредниот контакт и интеракцијата во училниците.
- Предавате на компјутер, а не на студенти. Гледате само број на студенти, 20, 30, 50 или 100 студени кои не знаете што прават во моментот. Честопати само типкаат без да се започне комуникација. Тие само ја гледаат презентацијата, го слушаат предавањето и толку, за жал. Кога ќе дојдат на полагање е уште потешко, мали екранчиња, падови на интернет-конекција итн. Дополнително, сè поголема е дискрапанцата кај студентите, 3-5% од нив се супериорни, за нив не постојат граници. Но онаа главна група што треба да биде јадрото сè повеќе се губи, јазот е сè поголем. Им фали натпревар, предизвик - објасни тој.
На лозјето со татко му, по велешката чаршија и корзото...
Во слободно време Ѓорѓи често вози велосипед со својата ќерка и тоа му е единствена спортска активност откако повредите го спречиле да се занимава рекреативно со одбојка и кошарка. Ѓорѓи често доаѓа во родниот Велес за да се дружи со родителите и другарите. Сака да поработи на лозјето со татко му, да прошета низ велешката чаршија и корзото, а не го одминува ни кошаркарското игралиште од детските денови, кое сега, за жал, зјае празно.
Фото: Приватна архива