X
 04.06.2026 Живот

„Гугл“ планира да пушти милиони стерилни комарци во природа, еве зошто

„Гугл“ побарал од американските власти дозвола да пушти 32 милиони стерилни комарци во сојузните држави Калифорнија и Флорида како дел од амбициозен проект за сузбивање на болестите што ги пренесуваат инсектите.

Под слоганот „Да ги запреме лошите инсекти со добри“, технолошкиот гигант се обидува да искористи научни и технолошки решенија за намалување на популацијата на комарци кои пренесуваат некои од најопасните болести во светот.

Комарците се сметаат за најсмртоносни животни на планетата бидејќи секоја година предизвикуваат повеќе смртни случаи од кој било друг вид, пренесувајќи болести како денга, западнонилски вирус, зика, вирусот чикунгуња и маларија.

Американската Агенција за заштита на животната средина разгледува барање за експериментална дозвола за пуштање до 16 милиони стерилни комарци годишно, во период од две години, во Калифорнија и Флорида.

Како функционира проектот „Дебаг“?


Клучот на програмата наречена „Дебаг“ е користење машки комарци кои не касаат луѓе и не пренесуваат болести.

Истражувачите на „Гугл“ одгледуваат машки комарци заразени со природно присутната бактерија волбахија. Оваа бактерија го спречува успешно размножување со диви женки.

Кога заразен мажјак ќе се спари со женка во природа, јајцата не се развиваат и не се изведуваат. На тој начин секоја нова генерација се редуцира, што постепено ја намалува целата популација на комарци.

Иако звучи необично една технолошка компанија да одгледува комарци, матичната компанија на „Гугл“, „Алфабет“, со години инвестира во здравствени и научни проекти.

Програмата „Дебаг“ е развиена во рамките на компанијата „Верили хелт“, која работи на проекти поврзани со здравство, вештачка интелигенција и биотехнологија. Подоцна „Гугл“ целосно го презел проектот. 

Методот што се користи не е нов. Станува збор за таканаречена техника на стерилни инсекти која се применува со децении. Експертите истакнуваат дека бактеријата волбахија веќе 15 години се користи за контрола на популации на комарци.

Проектот првично се фокусира на видот „Аедес аегипти“, кој е главен преносител на денга, зика, жолта треска и чикунгуња.

Во Сингапур, каде што програмата веќе е спроведувана, резултатите покажале намалување на популацијата на овој вид комарец за 80 до 90 отсто, како и пад на случаите на денга за повеќе од 70 отсто.

„Гугл“ наведува дека ваквите резултати се охрабрувачки и планира понатамошно проширување на програмата во други региони во светот.

Извор: n1info.hr 
Фото: Magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот