X
 04.07.2017 Наука

Мистериозната тунгуска експлозија од која нѐ спасил Тесла

Изјавата на д-р Џозеф Нут од центарот на НАСА „Goddard Space“ на конвенцијата на американскиот геофизички сојуз, која се одржа минатата недела, предизвика голем број дебати на специјализираните форуми на темата дали Земјата и човештвото можат да се одбранат од удар од вселената.

Коментарот на Џозеф бил дека не постои ништо што би можело да ја спречи катастрофата што ќе ја предизвика гигантски астероид кој се движи кон нашата планета, но она со кое го привлече вниманието е една тема што ја отвори за време на дискусијата. Со ова, повторно е фрлено светло на хипотезата од 2008 година која руските научници ја претставиле на стогодишнината од големата тунгуска експлозија, означувајќи го Никола Тесла како поранешен спасител на човештвото.

Руската елита смета дека зад тунгуската мистерија од 1908 година стои српскиот научник и ова за нив е единственото логично објаснување. Зад овие тврдења стојат десетина истакнати научници, вклучувајќи и тројца академици од Руската академија, раководителот на Комитетот за истражување на експлозиите во Новосибирск, двајца ветерани од тунгуската истражувачка експедиција, физичари, астрономи, доктори и др.

Накратко, голем астероид што се приближувал до Земјата во 1908 година бил уништен со енергетски столб произведен од кулата на Тесла во Вондерклиф на Лонг Ајленд и во Колорадо Спрингс.

Тунгуската експлозија уништила околу 2,000 квадратни километри шума, исчезнала една планина, додека во централниот дел се појавило езеро. Се проценува дека експлозијата имала моќност на 20 нуклеарни бомби што биле фрлени врз јапонскиот град Хирошима.  Народот што живеел на ова подрачје, Евники, еден месец претходно, на повикот од својот шаман, се преселил на околу 100 километри подалеку од срцето на детонацијата. Останал еден човек и тој успеал да преживее и да ја пренесе приказната.

Од 1927 година до денес Русите постојано се обидуваат да откријат што се случило во Сибир, а последниот голем научен обид за разрешување на мистеријата бил во пресрет на стогодишнината од настанот. Научниците откриле дека светот уште во 1907 година паднал во еден вид депресија и верување дека наскоро следува катаклизма. Било забележано и дека Артур Конан Дојл (писателот на „Шерлок Холмс“) го најавувал крајот.

Три месеци пред експлозијата, над Европа, Русија и Атлантикот почнала да се појавува чудна светлина. Четири дена пред експлозијата ноќните празнења во атмосферата биле видливи во сите поголеми градови на Европа, а професорот Вебер од Универзитетот во Келн од 26 до 30 јуни во својата лабораторија забележал чудни магнетни бранови низ кората на Земјата што флуктуирале на секои три минути во периодот од 18 до 1:30 часот. Подоцна се открило дека кулите на Тесла во Америка работеле со полна пареа.

Академик Дмитриј Стербеков, специјалист за високоенергетска физика, укажува на тоа дека Тесла во негово време се сметал за гениј на резонанцата. Уште во 1896 година со џебна резонанца во својата лабораторија за неколку минути предизвикал земјотрес во Њујорк.

„Ни денес огромен број професори не ја сфаќаат примената на резонанцата од страна на Тесла. Таканаречените молњи или електрицитет што го испраќал од Америка до другите точки на планетата го немало во концентричните кругови или праволиниски, туку ги менувал насоките за да стигне онаму каде што бил испратен. Во тоа време било забележано дека кулите биле доста активни, а во прилог на интервенцијата на Тесла во Сибир зборува и податокот дека кон крајот на 1908 година во три наврати во библиотеката на Конгресот позајмувал детални карти од централен Сибир“, раскажува Стербеков.

Д-р Олга Ткаченко го застапува ставот дека во 1908 година Земјата се одбранила сама, но и дека имала голема помош од српскиот гениј. Таа заедно со голем број научници смета дека планетата, како и сите небесни тела, е жив организам кој е во состојба да се одбрани од напаѓач. Нејзините тврдења ги илустрира со космичкиот феномен од 1994 година, кога најголемата планета на Сончевиот Систем, Јупитер, се нашла на мета на огромната Шумејкер-Леви комета, која можела да ја исфрли од орбитата. Имено, Јупитер две години пред ударот почнал да емитува огромни количини енергија. Кога кометата му се доближила, поради огромната енергија, се распаднала на 20 помали комети кои Јупитер успеал да ги апсорбира. Ткаченко тврди дека истото се случило и во 1908 година и додава дека како што шаманите што го евакуирале својот народ, и Тесла однапред знаел каде и кога ќе се случи нападот, па така реагирал месеци претходно.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука