„Професоре, оди во мир! Секогаш со опозиционерски став за многу работи. Разбуди критичка мисла, аналитичност кај мал милион луѓе. Секогаш инспирација. Слава ти!“ – напиша драматургот Горјан Милошевски.
На 72-годишна возраст, денеска во Скопје почина Стефан Сидовски-Сидо, омилениот професор по филозофија од „Корчагин“ и мајстор на аматерскиот филм. Сидовски беше култен лик без кој не можеше да се замисли ниту една филмска и театарска премиера, најредовен посетител на Кинотеката на Македонија, целосно посветен на филмот и како автор и како едукатор.
Тој 36 години беше професор во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“ во Скопје, а предаваше и како вонреден професор по историја на филм и теорија на филм во ЕСРА.
Беше режисер и глумец во своите аматерски филмови, а има и еден краткометражен професионален филм. Сидовски е познат како омилен и инспиративен професор, кој будеше филозофска и прогресивна мисла кај многубројни генерации ученици. Стефан Сидовски е роден на 3 октомври 1946 година.
Тој е автор на филмовите: Контејнер (2008). Полуден револуционер (2015), Raison d’etre (2006), Средба (2014), Големиот оратор (2007), „C’est la Vie“ (2016) и
Последно кафе, филм што го објави пред нецел месец.
Сидовски во сцена од последниот филм „Последно кафе“
„Професоре, оди во мир! Секогаш со опозиционерски став за многу работи. Разбуди критичка мисла, аналитичност кај мал милион луѓе. Секогаш инспирација. Слава ти!“ – напиша драматургот Горјан Милошевски.
„Стефан Сидовски како ретко кој беше посетител на голем број разновидни културни настани. Симбол на едно интензивно културно живеење на Скопје од средината на деведесеттите години од минатиот и првите неколку години од овој век. Ненаметлив, критичен без трошка злонамерност во она што го кажува, полн со емпатија и луцидност кон опкружувањето“, Владимир Јанковски, писател.
Ви споделуваме дел од коментарите на негови ученици по едно од неговите последни интервјуа.
„Морници ми лазат кога ќе се сетам на енергијата на овој Ел Професоре, на секој молекул мудрост што излегуваше од него“, „Легенда! На предавањата на професорот Сидо и денеска се сеќавам, се навраќам, ми помогна да разберам колку не знам“. „Бевте и останавте Сидо - нашиот најдобар професор од „Корчагин“. „Имале среќа генерациите што учеле од него“.