Министерствата во Хрватска не можат да најдат работници ниту за работни места со почетна плата од 8.000 куни (повеќе од 1.000 евра).
Министерството за правда и администрација на Хрватска на 25 мај објави конкурс за 22 позиции, меѓу кои и за виш консултант за информатичка технологија, специјалист по правосуден информациски систем, со почетна плата од околу 8.000 куни, односно 1.000 евра. Но, никој не се пријавил за работните места.
Се бара и раководител на Службата за меѓународна соработка и развој и подобрување на нормативната рамка. На огласот се пријавил само еден кандидат. Почетната плата за ова работно место е 1.200 евра.
Проблемите со пазарот на труд со кои се соочуваат приватниците, кои повеќе не можат да најдат домашна работна сила во занимања кои се дефицитарни и затоа увезуваат странски работници, сѐ повеќе се забележуваат и во државната администрација.
Порано безбедноста на работното место беше атрактивна, особено во услови на криза, кога приватниот сектор беше принуден да отпушта работници, а денес, кога ситуацијата е таква што секаде има недостиг на работници, никој не сака да работи за државата, каде што просечната плата е релативно ниска и работниците не напредуваат според заслугите, туку според соодветноста, па се измислуваат работни места за избраните да можат да напредуваат.
Почетната плата на административниот персонал со средно образование е околу 660 евра, а стручните соработници заработуваат околу 800 евра.
Системот на плати е нерамноправно регулиран, па често се случува платата за исто работно место во различни служби да се разликува, во зависност од тоа дали се работи за државна администрација, агенции или јавна служба.
Дури и поквалитетните кадри често не можат да бидат наградени за добрата работа, па таквите функционери или бегаат во агенции и системи кои имаат подобри коефициенти или одат во приватни фирми откако ќе се стекнат со знаење во државната служба.
Во Хрватска бројот на работници во јавниот и во државниот сектор е голем, но кога ќе се погледне само потесната државна администрација, односно функционерите во министерствата, не сметајќи ги полицајците, видлив е тренд на намалување на бројот на вработени.
Само за три месеци годинава министерствата изгубиле 165 лица, а во споредба со лани бројот на вработени е намален за 324, па на крајот од март биле вработени 16.435 лица.
Извор:
6yka.com
Фото: Freepik