X
 04.07.2024 Економија

Го намалуваат чоколадото, а сакаат да го продадат по иста цена како порано - Франција има ново оружје против ваквите измами

Француските супермаркети мора да ставаат етикета на сите пакувања што производителите ги намалиле - и во кои има помала количина од порано, за да ги заштитат потрошувачите од феноменот познат како „шринкфлација“ („shrink“ – намалување + инфлација).

Франција, земјата во која во моментов има големи политички превирања, сè уште останува цврсто на својата намера да ги заштити потрошувачите и нивните паричници од „измамничките“ пакувања. Сега супермаркетите ќе треба да ги информираат купувачите дека производот е жртва на „намалување“, што би значело дека количината на понудена стока е помала од претходно, но цената останува иста или се зголемува. Според наредбата на надлежното министерство, од почетокот на оваа недела трговците се обврзани да ставаат видливи ознаки на производите чија големина е променета.

Продавниците со површина помала од 400 квадратни метри се изземени од оваа одлука, која се однесува само на производите кои се продаваат во пакувања кои секогаш имаат иста количина. Ова ги исклучува рефус стоките, како и производите кои се пакуваат на шалтер, на пример, сирењата и свежото месо.

За прекршување на новото правило одредена е парична казна од 3.000 евра за поединец, на пример, менаџер на продавница, и до 15.000 евра за корпорација.

- Намалувањето на пакувањето е измама. Сакаме да ја обновиме довербата на потрошувачите, а довербата оди рака под рака со транспарентноста - изјавил министерот за финансии Бруно Ле Мер.

Целта на мерката е подобро да се информираат потрошувачите и да им се овозможи подобра контрола врз нивната куповна моќ. Цените на храната станаа жешка тема во Франција минатата година, кога инфлацијата на храната достигна рекордни 16 отсто, иако таа бројка оттогаш падна на 0,8 отсто.

Од францускиот супермаркет „Керфур“, кој беше критикуван за „шринкфлацијата“, неодамна изјавиле дека нема да има потреба од налепници во нивните продавници.

- Со цел да се бори против инфлацијата и да не ги казнува клиентите, групацијата имплементира стратегија насочена кон идентификување на сите производи што подлежат на такви практики, со цел однапред да ја коригира нивната цена во договорите со добавувачите и нивната ценовна политика - изјавил портпаролот на „Керфур“.

Некои се критички настроени кон новата политика. Шефот на „Е.Леклерк“, Мишел-Едуард Леклер, изјавил дека треба да е должност на производителот да пишува на пакувањето како го намалил својот производ, а не вработените во супермаркетите да губат време ставајќи етикети на таквите производи.

Извор: forbes.n1info.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија