Стотици француски училишта во сиромашните области низ земјата од понеделникот почнаа со примена на едно од клучните предизборни ветувања на претседателот Емануел Макрон во врска со подигнување на стандардите во образовниот процес.
Во настојувањето да ги подигнат образовните стандарди, училиштата не ги отпуштија наставниците како „технолошки вишок“, туку ги намалија паралелките на само 12 ученици – стандард за кој на Балканот се тврди дека е „привилегија на приватните училишта“.
Во училиштата во областите што се означени како „приоритетни“ во Франција, каде што образованието историски се наоѓа на ниско ниво, а степенот на сиромаштија е висок, одделенијата со ученици на возраст од 5 и 6 години се преполовени, пренесува „
АФП“.
Вкупно 2.500 паралелки се намалени на максимум 12 ученици наместо досегашните 25, како што ветуваше Макрон во текот на предизборната кампања кога зборуваше за решавање на проблемот со нееднаквоста во образовниот систем.
Макрон (39) во понеделникот помина неколку часа во едно училиште во Источна Франција, на првиот школски ден од новата учебна година.
Според глобалната ранг-листа за квалитетот на образованието што ја објави Институтот ОЕЦД со седиште во Париз, Франција се наоѓа на 27. место, зад Германија која е 16., а далеку зад Естонија, земјата со најдобар образовен систем во Европа, потенцира француската агенција.