Антонио Гутереш, генерален секретар на Обединетите нации (ОН), изјави дека пандемијата на коронавирусот го предизвика најголемиот прекин во образованието досега со оглед на тоа што училиштата се затворени во над 160 земји, а тоа влијае врз една милијарда ученици на глобално ниво.
Освен тоа, најмалку 40 милиони деца низ целиот свет остануваат без образование во нивната критична предучилишна година, додал Гутереш. Поради ова, светот се соочува со генерациска катастрофа со која може да пропадне невиден човечки потенцијал, да се поткопаат децении напредок и да се влошат нееднаквостите.
Фото: Антонио Гутерес/Wikipedia
Според Гутереш, светот се соочувал со образовна криза и пред пандемијата бидејќи над 250 милиони деца во светот не оделе на училиште, а само една четвртина од средношколците во земјите во развој го завршувале образованието со само основни вештини.
УНЕСКО претпоставува дека околу 23,8 милиони деца и тинејџери од предучилишна возраст до факултетските студии може да се откажат од образованието или да немаат пристап до него наредната година поради економското влијание на пандемијата.
- Се наоѓаме во клучен момент за децата и младите од светот. Одлуките што ќе ги преземат владите и партнерите во моментов ќе имаат трајно влијание врз стотици милиони млади луѓе и врз можностите за развој на земјите во следните децении - изјавил Гутереш во видеопорака во вторникот.
Фото: Freepik
Тој додал дека неспоредливиот прекин во образованието поради пандемијата е далеку од завршен и дури 100 земји низ светот не знаат кога ќе се отворат училиштата. Според него, безбедното отворање на училиштата е приоритет откако ќе се добие контрола на локалното ширење на коронавирусот.
Стефанија Џанини, помошник-генерален директор за образование на УНЕСКО, изјавила дека агенцијата планира да одржи виртуелен состанок есенва на кој ќе побара од светските лидери и меѓународната заедница да го стават образованието во прв план на агендите за враќање во нормала.
Според неа, кризата со коронавирусот ги зголеми дигиталните, општествените и родовите нееднаквости, а девојчињата, бегалците, децата со посебни потреби и оние во руралните региони се најранливи и се соочуваат со ограничени можности за продолжување на своето учење.
Фото: Freepik
Гутереш порачал дека мора да се зголемат финансиите во
образованието бидејќи недостатоците ќе се зголемат поради пандемијата. Освен тоа, образовните иницијативи мора да се насочат кон оние што се со најголем ризик да бидат маргинализирани.
Според Гутереш, пандемијата дава и уникатна можност за преиспитување на образованието и напредување на системите со кои се обезбедува квалитетно образование. Потребни се поголеми инвестиции за дигитална писменост и инфраструктура и образовни системи што се пофлексибилни и правични, според него.
Од друга страна, Џанини изјавува дека пандемијата веќе поттикнала иновации во образованието, особено во онлајн-образованието и образованието на далечина.
Автор: Едит М. Ледерер
Извор:
washingtonpost.com