X
 10.11.2020 Здравје

Се намалува бројот на луѓе што би се вакцинирале против Ковид-19

Светот сè уште се бори со пандемијата на Ковид-19. Многу земји ги враќаат почетните мерки за ограничено движење за да го намалат ширењето на болеста. Но се чини дека се јавува нов предизвик во врска со пандемијата. Имено, сè повеќе луѓе изјавуваат дека нема да се вакцинираат против коронавирусот кога ќе биде достапна вакцината.

Во последните месеци многу фармацевтски компании работат на истражувања за вакцина, а светските организации бараат решенија за обезбедување на вакцината кога таа ќе биде достапна. Според најновите вести, може да се добие вакцина до крајот на годинава.

Но, нова анкета спроведена од Светскиот економски форум и „Ипсос“ покажува дека довербата во вакцинирањето против Ковид-19 се намалила од август. Со други зборови, сè помалку луѓе на глобално ниво велат дека ќе се вакцинираат против болеста.

Според анкетата спроведена во 15 земји, просечно 73% од возрасните испитаници изјавиле дека ќе се вакцинираат против болеста. Меѓутоа, процентот изнесувал 77% пред 3 месеци. Процентот на лица што изјавиле дека ќе се вакцинираат се намалил во 10 од 15 земји, а најголем пад се забележува во Кина, Австралија, Шпанија и во Бразил.

Повеќе од четворица во пет луѓе во Индија, Кина, Јужна Кореја и во Бразил изјавиле дека би се вакцинирале. За споредба, во Франција тоа го изјавиле малку над половина од испитаниците. Двајца од тројца би се вакцинирале во САД, Шпанија, Италија, Јужноафриканска Република, Јапонија и Германија.


Фото: Pixabay

Зошто луѓето не сакаат да се вакцинираат?

Според анкетата, грижата за несаканите ефекти е причината зошто не би се вакцинирале за 34% од испитаниците, додека грижата за пребрзото создавање на вакцината е причина за 33% од испитаниците. Глобално, еден во 10 луѓе изјавил дека е против вакцините, смета дека вакцината нема да биде ефективна или дека ризикот за заболување од Ковид-19 е мал.

Просечно еден од четворица испитаници во 15. земји смета дека шансите да се добие Ковид-19 се толку мали, што вакцината воопшто не е потребна. Во Индија дури 52% од испитаниците се согласуваат со оваа изјава, а во САД - 31%.

Кога станува збор за времето на вакцинирање, 52% од сите испитаници што би се вакцинирале  би го сториле тоа во првите три месеци откако вакцината ќе стане достапна. Просечно, само 45% од испитаниците веруваат дека првата вакцина против болеста ќе биде достапна во следните шест месеци. Најголем дел, односно 55%, сметаат дека таа ќе биде достапна за најмалку 9 месеци.

Експертите проценуваат дека најмалку 70% од населението треба да бидат имуни на вирусот за да се спречи неговото ширење.

Автор: Гејл Марковиц
Извор: weforum.org
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје