Официјално наполни сто години на 29 август, дувајќи точно 100 свеќи на тортата. Но, како што вели Ирис Апфел, иако полни 100 години, нема намера да забави.
Таа неодамна ја претстави својата нова колекција на рамки за очила и е исклучително активна на „Инстаграм“ и секогаш е добредојден гостин во првите редови на модните ревии. По повод нејзиниот јубилеен роденден, таа ги открива тајните на нејзиниот долг и среќен живот.
Речиси 2 милиона луѓе од целиот свет се нејзини лојални следбеници. Оваа модна икона сигурно сте ја забележале барем еднаш на модна ревија благодарение на впечатливите, тркалезни очила и ексцентричниот стајлинг.
Ирис била модел и муза на многу дизајнери кои неодамна ја претставија својата колекција очила во соработка со „Зени оптикал“, а најави и нови проекти. Токму овие работи ја одржуваат витална.
- Јас сум како оние зајачици на батерии. Некогаш забавувам, но позната сум по мултитаскинг. Секогаш мора да правам неколку работи одеднаш и не можам да читам само една книга, туку повеќе истовремено. Така функционира мојата глава - вели Ирис Апфел.
Интересот за модата го покажала како дете, а подоцна со нејзиниот сопруг Карло, со кого е во брак 68 години, ја основала текстилната фабрика „Олд виверс“, но светска слава стекна околу 2005 година, кога имала 84 години и кога преку ноќ стана сензација.
- Никогаш не мислев дека ќе станам славна личност. Во тоа време немав ниту агент ниту бизнис-план, но понудите почнаа да пристигнуваат, па ги прифатив - вели таа, додавајќи дека договорите со познати компании едноставно почнале да се нижат, па на 97-годишна возраст потпишала договор со модната агенција Ајм-ем-џи моделс“.
Ирис не ја крие тајната за долговечноста.
1. Годините се само бројка.
- Навистина не се чувствувам различно отколку пред неколку години. Лекарите ме третираат како јајце што ќе се скрши, а јас се обидувам да бидам што е можно повнимателна, но немам никаков план. Отсекогаш сум јадела квалитетно, избегнувајќи нездрава и брза храна. Не пијам газирани пијалаци и ретко пијам алкохол, а повремено вежбам. Важно е како гледате на сѐ - познавам 30-годишници кои се стари и 90-годишници кои се чувствуваат многу млади. Сѐ зависи од вашиот став.
2. Нема ништо лошо во брчките.
- За мене, брчките се знак на храброст. Ако Бог е добар со вас и ви дозволува да живеете толку долго, зошто да го криете тоа? Не верувам во естетска хирургија, освен ако, не дај Боже, сте имале несреќа или сте родени со нос како Пинокио. Не одобрувам ништо друго. Тоа е глупост бидејќи по некое време никој нема да мисли дека имате 27 ако имате 72 години. Не можете никако да ја скриете староста на вашите раце.
3. Секогаш бидете верни на себе и покажете го тоа со вашиот стил.
- Стилот е запишан во вашата ДНК. Можете да научите да ги следите трендовите и да имате добар вкус, но со стил се раѓате. Важни се вашиот став и поглед кон светот и како ќе се покажете, а најдобриот начин да го направите тоа е да бидете она што сте, не да ги копирате другите. Не знам зошто младите денес сакаат да изгледаат исто. Тоа ме растажува. Оригиналноста се цени.
4. Најдете некој што ќе се радува на вашиот успех.
68 години поминав во прекрасен брак. Карл почина во 2015 година, три дена пред неговиот 101. роденден и јас на почетокот бев скршена. Мислев дека нема да можам да живеам без него, но еден ден сфатив дека не сака да ме види како седам дома и плачам. Секогаш ме туркаше и веруваше во мене.
5. Не можете да имате сѐ што сакате.
- Кога имав 10 години, мајка ми одлучи да се врати на работа, што беше ужасно за мене. Имав чувство дека ме напушти. Поради неа, одлучив дека ако се омажам и имам кариера, никогаш нема да имам деца. Едноставно не можеш да имаш сѐ.
6. Не жалете за она што сте го пропуштиле.
- Не можете да живеете во минатото затоа што е минато и не можете да се вратите. Готово е, продолжете понатаму. Како што мојот сопруг секогаш велеше: „Имаш само една шанса, искористи ја.“
Извор:
Tportal.hr
Фото:
Instagram