X
 04.10.2018 Технологија

Од „Фејсбук“ тврдат дека хакерите не ги користеле украдените лозинки на други страници

„Фејсбук“ објави дека истражителите утврдиле оти хакерите не ги користеле украдените лозинки за пријавување на други страници.

- Го проучувавме пристапот до трети страници во времето на нападот. Таа истрага не покажа дека хакерите пристапиле до апликациите користејќи ја лозинката за „Фејсбук“ - истакна Гај Роузен, потпретседател на „Фејсбук“ задолжен за безбедност.

Објавата следува по најголемиот хакерски напад над најпознатата социјална мрежа, во кој се украдени лозинки кои го отвориле патот до влегување во речиси 50 милиони профили на „Фејсбук“.

Некои експерти за безбедност велат дека „Фејсбук“ во петокот, кога се случи нападот, го насликал најцрното можно сценарио за да се осигури дека ги почитува новите строги прописи на ЕУ за заштита на приватноста, кои стапија во сила кон крајот на мај.

Според тие прописи, компаниите се соочени со високи казни ако во рок од 72 часа не објават дека е загрозена приватноста на нивните корисници и таквиот краток рок, според експертите, не дава време да се утврди реалното влијание на упадот.

Според процените на експертите од Универзитетот „Илионис“ во Чикаго, лозинките за „Фејсбук“ се користат на повеќе од 42.000 други страници на интернет.

Неодамнешниот безбедносен пропуст за кој известија од „Фејсбук“ погодил околу пет милиони Европејци, истакна еврокомесарката за правда Вера Јурова, која смета дека тоа е неверојатен број.

Хакерските напади со големи размери повторно поттикнаа критики за оваа социјална мрежа, која веќе сериозно беше потресена од повеќе афери, а особено од онаа во врска со заштитата на личните податоци.

- Раководството на „Фејсбук“ треба да се запраша дали ја држи ситуацијата под контрола - додаде Јурова.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија