X
 26.05.2019 Живот

Колку чини безбедноста на најбогатите технолошки могули во светот?

Челниците на најголемите ИТ-компании во Силициумската долина во Калифорнија, САД, се некои од најбогатите луѓе во светот и поради тоа трошат милиони за својата безбедност.

Меѓу другото, тие плаќаат вооружени телохранители да внимаваат на нив 24 часа, поставуваат панели отпорни на куршуми во канцелариите и прават тајни премини за бегство во случај на опасност. Некои имаат и приватни авиони.

И за сето тоа им плаќаат компаниите во кои работат.

Податоците за нивните трошоци се јавни, но тоа е само врвот на ледникот бидејќи богаташите од Силициумската долина, според законот, имаат можност да не пријавуваат колку платиле за нешто.

Еве колку некои од најмоќните луѓе во Силициумската долина плаќаат за нивната безбедност.

Џеф Безос, сопственик на „Амазон“, е најбогатиот човек на светот и тој за обезбедување плаќа 1,6 милион долари. Покрај тоа, тој не троши повеќе од неговите колеги на безбедност - барем не јавно. Иако неговото богатство се зголеми за 113 милијарди долари, тој и понатаму за трошоците за неговата безбедност издвојува исто пари колку што издвојуваше и во 2012 година.

Марк Закерберг, основач на „Фејсбук“, во 2018 година потрошил 20 милиони долари за својата заштита. Тоа се 2,5 милиона долари повеќе за разлика од 2017 година. Трошоците ги зголемил поради негативната слика за компанијата во јавноста.

Шерил Сендберг, оперативна директорка во „Фејсбук“, во 2018 година имала зголемени трошоци за безбедност за 200.000 долари. Нејзе ѝ биле платени 2,9 милиона долари за обезбедување. Компанијата потрошила дури милион долари на патувањата на Шерил со приватен авион.

Трошоците за безбедност на Џек Дорси, коосновач и извршен директор на „Твитер“, последен пат се објавени во 2016 година во документ во кој беше наведено дека „Твитер“ му плаќа 68.506 долари за станбена безбедност и други сегменти на заштита.

Од „Епл“ објавија дека во 2018 година потрошиле 310.000 долари на првиот човек на компанијата, Тим Кук. Според стандардите на овој богаташки предел, ова е многу скромна потрошувачка, особено ако се земе предвид дека „Епл“ постојано е на врвот на најбогати компании во светот.

Од „Гугл“, пак, лани издвоиле 1,2 милион долари на безбедноста на извршниот директор Сундар Пичаи, што е речиси двојно повеќе отколку претходната година, кога му биле дадени 680.000 долари за лична заштита.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот