X
 04.10.2021 Колумни

Тешко е да си учител денес

Сите одговори би можела да ги опфатам само ако се раководам, да речеме, од последната случка со учителката која е снимана на час како ги навредува учениците нарекувајќи ги стока. Каде ги гледам одговорите? Пред сè, многу битен момент за мене е возраста на децата кои снимаат – тоа се деца, ако добро сфаќам, од пониските одделенија, деца кои почитта кон учителот ја заменуваат со модели на исмејување и барање начини за омаловажување.

Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште

Кога бев дете, играта со другарките пред зграда многу често подразбираше една прекрасна слика на посветено испоседнати девојчиња во тревата или на бетон, со тетратки в скут, а една од нас, на смена, секако, ја играше улогата на учителка. Си ги подигнувавме косите високо угоре и сериозно гледавме низ очилата, позајмени од нечија баба и позиционирани на врв од носот, оти тоа беше нашата детска претстава за тоа како треба да изгледа една учителка. Си игравме со часови, и ако утредента желбата да бидеме балерини не го заземеше првото место (па со дланките над главата се вртевме низ тревата), ќе нè најдеа пак на бетонот, со парче ќерамида со која пишувавме бројки и букви. Учителката пишуваше петки, секако. Оти си знаевме сè што требаше да се знае, а го носевме од клупите, од дома, од дружбата со книгата. Беше тоа среќна доба, во која да си дете значеше да сонуваш што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш, доба која на некој начин го кристализира патот по кој секоја од нас тргна низ животот и се најде себеси. Многу од нас, тогаш девојчиња со идеали, желби, всадени вредности и норми, го избраа тој пат и навистина станаа учителки. Цел живот посветени на децата, на нивното растење, созревање, креирање на хоризонтите кои ќе им ја даваат насоката, на светогледот кој ќе им биде визир и ќе ги дефинира како луѓе.

Кој тогаш можеше да знае дека ќе дојде време кога ќе се запрашаме: Зошто стана толку тешко? Што се случи, та некогаш толку посакуваната професија, подигната на ниво на привилегија оти не можеше секој да стане учител, падна на колена и се сведе на професионален баласт, на издржување, на барање начини да се преживее денот, неделата, месецот, годината? Како се случи базичната сфера, од која зависат и од која произлегуваат сите други, да го добие статусот на маргинализирана, со децении суштински неуредувана сфера, предолго дефинирана како прибежиште за подобни, а не за квалитетни? Како се случи триаголникот родител – дете – учител да стане уникатен тап агол од кој не се гледа кој каде е и кој што треба да прави, за да се добие триаголник кој ќе му ја даде вистинската, животната плоштина на детето, она за кое учителот постои? Како се случи посветеноста, колегијалноста, меѓусебната поддршка и соработка да се трансформираат во неработење, битка на суети, во гледање преку нишан и маестрално промашување на вистинската цел – детето?“

Постојат, сепак, едноставни одговори на овие прашања. Ништо веќе не е исто. Она што некогаш беше подразбирливо и ја дефинираше улогата на секој чинител, денес е извртено, деформирано до максимум и со изгубена смисла и логика. Сите одговори би можела да ги опфатам само ако се раководам, да речеме, од последната случка со учителката која е снимана на час како ги навредува учениците нарекувајќи ги стока. Каде ги гледам одговорите? Пред сè, многу битен момент за мене е возраста на децата кои снимаат – тоа се деца, ако добро сфаќам, од пониските одделенија, деца кои почитта кон учителот ја заменуваат со модели на исмејување и барање начини за омаловажување. Деца на возраст на која јас бев тогаш кога сонував да бидам учителка таму на бетонот. Деца на возраст на која таквото нешто можат да го научат само од дома, како дозволен формат на однесување, родителски одобрен и оправдан – што има врска ако било некултурно? Што ѝ е работа на учителката ако не да го трпи и да се моли да не стане полошо? Да не се разбереме погрешно, не наоѓам оправдание за настапот на учителката, но свесна сум дека педагошкиот такт, трпеливоста и способноста за самоконтрола денес навистина се ставени на тест тогаш кога детето е изненадувачки невоспитано - а е, а родителот е негов бескомпромисен апологет – а е. Колку килограми такт можат да се изборат со огромните дози на некултура, несфаќање на детето каде се наоѓа, што тој простор бара од него и што треба да подразбере? Колку трпеливост може да се носи на плеќите, постојано мавани со камења од зборови, тогаш кога за учителот родителот е „Вие, господине“, а учителот за него „Ти, учителу?“ Пак ќе кажам – не ја бранам. Но ја разбирам. Многу е. Точката на пукање е допрена и толку е.

Понатаму, дел од одговорите лежи и во фактот што учителот денес е на бришан простор, незаштитен и изложен на рафална стрелба од сите оружја во сопственост на сите што се (само)прогласени за стрелци, со дадена или премолчена дозвола да пукаат кога и да посакаат. Затоа и имаме родители чии деца имаат само права, секако, и тие со нив. Имаме и луѓе кои наместо посветени носители на советодавна функција, каква што имаа некогаш кога се викаа педагошки советници, станаа пласирачи на заканувачки контролни механизми, кои ги бараат хартиите, но не и учителот. Оние што служат да заплашат и во основа имаат само еден ефект: демотивирање на учителот и, со текот на времето, негово сериозно преиспитување дали учителствувањето сè уште е дел од него, како некогаш. Затоа имаме и низа други јавни плукачи на фелата, кои многу посветено го стрелаат учителот право меѓу очи и мирно го гледаат како крвави - виновен е, учител е. Секако, чесно е и да се нагласи дека имаме учители за кои професијата е само извор на приход, локација на која се оди на работа секој ден и од која се враќа дома како од кое било работно место. Не локација за која се живее. Не професија, туку начин на живот. Учители кои едноставно не се родени за тоа, но затоа се многу способни да ги онеспособат оние што се.

Понатаму, тежината која секој учител со големо У, кое му го дефинира професионалниот идентитет, ја чувствува денес произлегува и од фактот што има сè помал простор за сериозно професионално докажување во работата со деца, а сè повеќе баласт кој од нив го оддалечува. Затоа пишуваме бескрајно, без да се земе предвид дека еден ист приод не може да се врзе за секое дете, затоа што секое е приказна за себе во секој поглед и секое бара исклучително внимателен однос, за од дете да стане човек. Но ете, сите имаме хартии кога ќе ни побараат. И оние за кои детето е објект. И оние за кои детето е субјект, а има родител за кого учителот е објект. Сите сме исти. Оние првите, и подобри. Овие вториве, во глува доба, со уредно средено досие за секое дете. Со очи закачени на плафонот, додека во темница смислуваат со што утре да ги мотивираат децата, за кои училницата одамна не е предизвик. Со разработени индивидуални приоди. Кој им е виновен што сè уште не се откажуваат.

Многу одговори можат да се најдат, да. Се гледаат. Само треба да се сака, пред сè, сериозно да се признаат прашањата. Затоа што се многубројни, мачни и ужасни во својата тежина. Затоа што низата ентузијасти, сраснати со учителот во себе, не ги заслужуваат.

Затоа што и она детуле од бетонот, посветената учителка за која младоста пред која стои секогаш е центар на универзумот и која има повеќе од 4.000 погледи од клупите зад себе, не го заслужува моментот кога ќе се запраша: Зошто не сонував повеќе да бидам балерина?

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни