X
 04.12.2020 Наша тема

Со какви повреди ќе излезат нашите музичари од оваа пандемија: Да се истрае или да се бара друго чаре?

Пандемијава нè отепа сите што се занимаваме со изведувачка дејност, велат етаблирани музичари

Третина од професионалните музичари во Велика Британија се очекува да се откажат од оваа професија како последица на пандемијата. Ако овој податок важи за еден од трите најмоќни светски музички пазари, на кое дереџе се дојдени македонските музичари и музички работници?
Нема сомневање дека музичката индустрија, пред сè, настапите во живо се едни од најголемите професионални жртви на пандемијата. Има музичари што целиот свој живот го посветуваат на вежбање и надградување, а сега ги огласуваат инструментите за продажба и размислуваат за план Б. За среќа, има и такви на кои музичката чивија им е до толку влезена, што ги прави крајно мотивирани да го продолжат музичкото патешествие.

Битно се одржува некаков изведувачки континуитет

- Секако дека сум помислил на најлошото, но планот Б за мене е план Ш. Искрено сакам да се изборам докрај за мојата професија, без разлика на што било. Овде се работи за преголема љубов и страст и за нешто што не се учи само со средно училиште или со факултет. Овде се работи за цел живот изучување и откривање нови работи во сферата. Финансискиот дел секако дека нè удри сите, особено со вториот бран на вирусот. Моменталната ситуација е доста загрижувачка и можеби ќе мораме да бараме некаква друга работа за да имаме некаков прилив на финансии - вели професионалниот тапанар Александар Ванчовски.


Александар Ванчовски  / Фото: Приватна архива

- Па, да бидам искрен, не се снаоѓам баш најдобро затоа што тоа ми е единствена професија и извор на заработувачка. Тоа ми се одразува и врз она што го создавам, преку немање средства за продукција. Компонирам за да го задржам здравиот разум и благодарение на пријателите и соработниците, и во овие услови успевам да правам нова музика - додава гитаристот Игор Атанасоски-Харе.

Повеќето земји, па и нашата, го дозволија одржувањето на концерти, но со капацитет на посетеност од 30 проценти. Сепак, тоа е мала утеха, со оглед на тоа што во такви услови ретко на кого му е финансиски исплатливо да организира концерт. Ваквиот тип настапи заедно со тие во угостителски објект, кои се целосно забранети, беа главниот извор на примања на музичарите. Дел од нив организираа онлајн-концерти, но тоа не профункционира како, на пример, во САД. Таму публиката е подготвена да донира пари за такви настани, а кај нас тоа ретко се случува.


Игор Атанасоски-Харе / Фото: Кристијан Тодоров

- „Дозволени се концерти, што се буните?“, ќе рече некој. Секако, доколку имате три-четири концерти месечно, тоа ќе ве закрпи, но каде има некој толку концерти? Колку треба да е влезницата за публиката кога капацитетот е 30 проценти? На овој начин е невозможно да се живее како музичар. Секој мисли на план Б. Но, секој таков план ве трга подалеку од музиката, можеби и засекогаш - изјави џез-вокалистот Џон Илија Апелгрин.


Џон Илија Апелгрин  / Фото: Приватна архива

- Пандемијава нè отепа сите што се занимаваме со каков било вид изведувачка дејност. Останаа само институциите што се под државна капа да функционираат на некаков начин. Добро е што има понекој концерт, дали е тоа онлајн или во рамките на некоја институција како гостин. Битно се одржува некаков изведувачки континуитет. Со оглед на тоа што речиси триесет години вложувам во образование и практично целиот професионален живот ми е посветен на музика, немам план Б. Сега за сега пливам некако, но сè е неизвесно во ова лудило - вели гитаристот и професор по гитара, Зоран Костадиновски.

Има ли сламка за спас?

И што работат музичарите кога не можат да настапуваат? За дел од нив „сламка за спас“ е давањето часови по свирење или по пеење. Некои од нив го користат „принудниот одмор“ за да работат на нов студиски материјал или да довршат проекти што им се одамна почнати. А, за жал, има и такви што по вториов бран на рестриктивни мерки веќе размислуваат за друга работа и откажување од музиката.

- Не очекувам наскоро ние, музичарите, да бидеме пуштени „во промет“. Јас некако ја имав таа среќа во животот да се занимавам и со други професии, па ете во моментов сум на 1.540-тото издание на радиоемисијата ПЕЦЕТЕКА. За жал, таа среќа ја немаат многу мои колеги, иако и моите ангажмани не се најсигурен извор на средства. Познавам такви што периодов буквално немаат ниту за јадење - вели Петар Младеновски од бендот „Суперхикс“.


Петар Младеновски / Фото: Приватна архива

- За време на пандемијава снимив една композиција на шпански за еден аргентински албум, во септември, во времето кога дозволија имав и неколку настапи – зборува за своите активности Апелгрин.

- Работам цело време на нова музика. Во јуни снимавме албум со бендот „3ject“ и веќе издадовме две нумери од него, а сe спрема и албум со „Bramha Amity Trio“. Исто така, снимав тапани на песна што ја напиша и ми ја подари Иван Петровски - додава Ванчовски.

Кога ќе се застане на здрави нозе


Музичарите се поделени во предвидувањата околу тоа кога нивната професија повторно би застанала на здрави нозе. За едни, дури крајот на следното лето би можел да донесе некакви знаци на музички живот, додека некои сметаат дека веќе напролет работите ќе почнат да се нормализираат.
Како и во остатокот од светот, така и кај нас се чека на некаков одлучувачки потег од властите со кој ќе им се помогне на загрозените музички професионалци, со цел полесно да се изборат со оваа криза.

- Преку новоформираното здружение за заштита на правата на музичарите „МУЗИКА СЕГА“ реагиравме и остваривме многу средби. Бараме помош, но сè уште нема некој конкретен одговор. Мој личен впечаток е дека по пандемијата публиката долго време нема да им се врати на музичките настани. Барем не во оној број во кој доаѓала некогаш. Пандемијата ќе остави трајни белези врз културата и враќањето на навиките кај обичните културни консументи - вели Младеновски.


Зоран Костадиновски / Фото: Приватна архива

- Убеден сум дека настапите во живо ќе се вратат во нормала. Не само ние, музичарите, туку и публиката има огромна потреба од концерти и свирки по клубови. Сепак, се занимаваме со убава работа. Работа што шири љубов и радост - заврши оптимистички Костадиновски.
Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема