X
 04.12.2023 Наша тема

Сите студенти на ФИНКИ ги дознаваат препишувачите на факултетот

За време на онлајн наставата во пандемијата имавме зголемување на првиот тип препишувања, што може да се заклучи и од бројот на изречени дисциплински казни во тој период. Студентите што сакаа да мамат на испит наоѓаа секакви креативни решенија за препишување додека полагаа со камера. Откако се вративме со физичко присуство, бројот на обиди е драстично намален

Препишувањето на испит постоело отсекогаш. Студентите наоѓаат разни начини како полесно да го поминат испитот, да скршнат од механизмот на одговарање на испит. Па препишувањата се менуваат од една генерација до друга, се осовременуваат.
Со Стефан Андонов, асистент на ФИНКИ, поразговаравме како студентите на ФИНКИ се снаоѓаат на испити во користењето недозволиви материјали.

Креативни решенија за препишување

- На ФИНКИ обидите за препишување би ги поделил во две категории: препишувања на колоквиуми и испити и препишувања на активностите за континуирано оценување (лабораториски вежби, домашни задачи, семинарски итн.). За време на онлајн наставата во пандемијата имавме зголемување на првиот тип препишувања, што може да се заклучи и од бројот на изречени дисциплински казни во тој период. Студентите што сакаа да мамат на испит наоѓаа секакви креативни решенија за препишување додека полагаа со камера. Сме имале ситуации во кои пријатели или членови на семејството на студентот се криеле под бирото и му подавале листови, како и ситуации во кои студентите мислејќи дека микрофонот им е исклучен, не сакајќи си признале дека препишуваат. Откако се вративме со физичко присуство, бројот на обиди е драстично намален. Имавме некои обиди со непријавен телефон и барање помош од соседниот колега во просторијата. На предметите на кои има и по десетина наставници и асистенти, еден дежурен надгледува најмногу 20 студенти во лабораторија, па се одржува ред за време на полагањето - споделува Андонов.

Користиме алатки за откривање плагијати

На полагањата во кои се бара од студентот да го програмира решението на факултетските компјутери е доста тешко да се препишува бидејќи студентите не може да пристапат на интернет освен од страницата за полагање, а и многу е тешко да се препишат стотици линии програмски код, без грешка, од мал мобилен телефон или, пак, решението да се добие во аудиоформа преку бубачка, посочува тој.


Стефан Андонов

- Втората категорија на препишување, плагијаризам на лабораториски и домашни задачи, е исто така многу голем проблем и постојано се бориме со него (без разлика дали наставата е онлајн или со физичко присуство). Лабораториските вежби на предметите се замислени како механизам за студентите полесно да го совладаат материјалот, па според мене, многу е разочарувачки што токму на овие активности се забележува најголем број обиди за мамење (во споредба со обиди на колоквиуми/испити). Против овој начин на препишување активно се бориме со користење алатки за откривање плагијати - истакнува Стефан.

Казната за мамење на испит на ФИНКИ е покренување дисциплинска постапка против студентот.

- Можните казни, доколку се утврди вина, се исти како и на сите единици на УКИМ - од забрана за полагање една сесија, па сѐ до исклучување од факултетот. Единствено нешто што ние го имаме дополнително на ФИНКИ и се надеваме дека има удел во тоа студентите да не ги повторат делата е испраќање на одлуките на дисциплинската комисија (со наведено име и презиме на казнетиот студент) до сите студенти на Факултетот - нѐ информира Стефан.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема