Земјите низ светот почнаа со вакцинација против коронавирусот. Досега Израел и Велика Британија вакцинирале најмногу луѓе, додека Франција и Холандија се земји што најбавно ги вакцинираат своите жители.
Велика Британија беше првата земја во светот што ја одобри вакцината од „Фајзер“ и „Бајонтек“, а вакцинацијата започна на 8 декември. До 1 јануари биле потрошени над еден милион дози од вакцината, според секретарот за здравство Мет Хенкок.
Се очекува забрзување на вакцинацијата од 4 јануари бидејќи беше одобрена и втора вакцина, онаа од „Астра зенека“ и Универзитетот „Оксфорд“. Се очекува вакцинирање на 530.000 луѓе во првата недела. Оваа вакцина е поевтина и полесна за користење бидејќи може да се чува и пренесува во обични фрижидери, додека онаа на „Фајзер“ се чува на температура од -70 Целзиусови степени.
Европска Унија (ЕУ)
Европската агенција за лекови ја одобри вакцината на „Фајзер“ и „Бајонтек“ на 21 декември, а Брисел постигна договор со повеќе
фармацевтски компании за да обезбеди доволно дози за вакцинирање на сите 450 милиони жители. Првите вакцини во Унијата беа добиени на 26 декември, а секоја членка доби дози според бројот на жители. Се очекува одобрување од ЕУ на вакцината на „Модерна“ на 6 јануари.
Засега Данска вакцинирала најголем процент на жители од земјите-членки. Првата доза ја примиле над 45.800 жители до 2 јануари во земјата со население од 5,8 милиони. Тоа значи дека се вакцинирале просечно 0,78 луѓе на секои 100 жители.
Меѓутоа, Германија вакцинирала најголем број луѓе во апсолутна вредност. До 1 јануари биле вакцинирани над 188.500 Германци, според Институтот „Роберт Кок“. Стапката на вакцинација во земјата изнесува 0,23 луѓе на 100 жители.
Фото: Pixabay
Хрватска и Португалија следуваат со стапки од 0,19 и 0,16 вакцинирани луѓе на 100 жители, соодветно. По нив се Италија и Полска со стапка од 0,13 луѓе на 100 жители. Италија досега вакцинирала 79.000 луѓе.
Австрија, Бугарија и Романија имаат слични стапки на вакцинација - 0,07 дози на 100 жители. Во Романија се вакцинирале 13.200 лица, во Австрија 6.000, а во Бугарија 4.739 лица.
Естонија досега вакцинирала само 2.500 лица, што претставува стапка од 0,2 на 100 жители, повисока од стапката од 0,03 на Грција и Финска. Грција вакцинирала 3.001 лице, а Финска 1.767 луѓе.
Франција вакцинирала само 352 луѓе до 31 декември. Властите ветиле дека ќе го забрзаат процесот и почнале да ги вакцинираат здравствените работници над 50-годишна возраст во саботата.
Конечно, во Холандија вакцинирањето ќе почне на 8 јануари.
Израел
Речиси 1,1 милион жители на Израел ја примиле првата доза од вакцината на „Фајзер“ и „Бајонтек“ до 3 јануари, според министерот за здравје Јури Елдертајн. Ова значи дека 12% од населението веќе ја примиле првата доза.
Автор: Алис Тидеј
Извор: euronews.com