X
 05.02.2019 Наша тема

Блок-дотациите за средните училишта не се доволни! МОН вели да бидат одговорни и економични

Како во иднина училиштата да не прават долгови, зошто всушност се доведени до оваа ситуација и како треба да се пресметуваат блок-дотациите, прашавме во училишта и неколку општини, како и во Министерството за образование и наука

Потребна е итна промена на начинот на кој се пресметуваат блок-дотациите за средните училишта за да не се натрупуваат долгови.
Ова е решението што го бараат директори на средни училишта, но и дел од локалните власти.
Како што објави Факултети.мк, околу 60 средни училишта од цела Македонија должат речиси 7 милиони евра за режиски трошоци и за превоз на учениците.

Ако се погледне листата со државни институции што пријавиле долгови во Министерството за финансии, може да се заклучи дека училиштата, средните и основните, акумулирале долг од неколку милиони евра, кој треба да се покрие со средства од ребалансот на Буџетот од 2018 година. Како во иднина училиштата да не прават долгови, зошто всушност се доведени до оваа ситуација и како треба да се пресметуваат блок-дотациите, прашавме во училишта и неколку општини, како и во Министерството за образование и наука.

Промена на формулата за дотациите

Од Општина Битола, каде што многу средни и основни училишта имаат долгови, велат дека затекнатата состојба со училиштата во Битола со доаѓањето на функција на градоначалничката Наташа Петровска била долг во износ од 4,5 милиони евра, дел од нив кон надворешни доверители, пред сѐ, за превоз, комунални услуги, електрична енергија, нафта и дрва за огрев. Дел од долговите се однесуваат и кон Општина Битола, која преку цесии плаќала за материјалните трошоци на училиштата.



- Само како пример, комуналните услуги кај поголемиот дел од училиштата не се плаќале со години наназад. Сметките на осум основни училишта и на две средни училишта со години наназад беа блокирани, а во поголемиот дел не била платена електрична енергија од април 2017 година. Речиси сите училишта имаа извршни судски решенија за неплатени услуги за превоз на ученици. Накратко, долговите се таложеле со години наназад. Некои неразумни потези на поранешната Влада, како задолжителното средно образование, кое не беше следено со адекватно финансирање, ги доведоа училиштата во ваква состојба. За средните училишта конкретно, долгот кој го затекна новата локална самоуправа изнесуваше 35 милиони денари. Денес тој долг е намален за 30% и сега изнесува 24,5 милиони денари. Во однос на дотациите за средно образование, тие не се доволни бидејќи формулата за нивна распределба не ги зема предвид целосно трошоците за учениците од соседните општини, за кои Општина Битола обезбедува задолжителен превоз - велат од Општината.

Не може за секој ученик да се плаќа исто

Процесот на враќање на долговите во оваа општина е започнат. Оттаму велат дека на посебна сметка на Општина Битола се префрлени 156 милиони денари за покривање на дел од долговите, што е позитивен чекор и ќе помогне за надминување на лошата состојба во која се наоѓа битолското образование.
- Јавниот повик за пријавување на долговите веќе измина, комисија составена од претставници на училиштата и на Општината врши анализа на поднесените пријави и ќе пристапи кон примена на ова законско решение - ни изјавија од Општината.

Тие велат дека исто така се вклучени во активностите на Владата за анализа на постојната формула за блок-дотациите и веќе доставиле свои предлози.
- Се надеваме дека ќе се изнајде соодветно решение кое ќе ги надмине диспаритетите помеѓу реалните можности и потреби на училиштата.

Дека постои проблем во пресметката на блок-дотациите, ни потврди и директор на средно училиште кое има големи долгови за превоз на учениците и за режиски трошоци.
- За секој ученик МОН до општините префрла иста сума на средства. А не секој ученик го чини исто училиштето. На пример, во моето училиште 90 проценти од учениците доаѓаат од други населени места, а во други училишта има ученици што живеат во близина и практично не им треба превоз. Исто добиваме сите, одредена сума по ученик. Нашите трошоци затоа се поголеми. Друг проблем е тоа што на тендерите за превоз добиваат фирми што наплаќаат многу повеќе отколку што е предвидено со блок-дотациите. И затоа потоа кратиме од средствата наменети за настава. Инаку, 80 проценти од сумата што ја добиваме од Општината одат за плати на наставниците. Со остатокот од 20 проценти не може да се покријат режиските трошоци и да се вложи во подобрување на наставата. Тука е и проблемот со намалениот број на ученици во многу школи. Мора итно да се најде нов начин на финансирање на училиштата - вели директорот.



МОН не се меша во распределбата на парите

Од Министерството за образование и наука, пак, велат дека со имплементирање на процесот на децентрализација, основачките права, обврските и сопственоста над објектите во кои се реализира oсновно образование и средно образование им се дадени на општините, односно на Град Скопје. Надлежностите околу финансирањето на училиштата ѝ се префрлени на локалната самоуправа, која располага со буџетските средства добиени по основа на блок-дотации кои Министерството ги префрла по утврдена формула согласно уредба што ја носи Владата.

- Средствата што се утврдени со Буџетот се распределуваат согласно повеќе критериуми како - податоци за вкупниот број ученици во општината, ученици во предметна настава, ученици со посебни потреби, густина на населеност на општината... Со средствата од блок-дотациите Општината е должна да ги сервисира сите потреби на училиштата: плати на вработените, тековно одржување, комунални трошоци, гориво, превоз, здравствени систематски услуги, дезинфекција и дератизација на училишните објекти, средства за тековно одржување, набавка на канцелариски материјали, наставно-образовни помагала, сервисирање на ПП-апарати и сл. Распределбата на блок-дотацијата ја прави Општината по училишта и намени, без притоа да се меша Министерството. Овој модел на доделување и трошење буџетски средства бара голема одговорност, совесност и економичност од страна на локалната власт - велат од МОН.

Тие дополнително потенцираат и дека блок-дотацијата не е и не треба да биде единствениот извор на приход од кој се финансираат основното и средното образование.
- Согласно Законот за основното и Законот за средното образование, Општината може да ја дополнува добиената блок-дотација за основно и за средно образование со средства од сопствени извори, освен за платите на вработените во училиштата. Средствата за финансирање на дејноста основно и дејноста средно образование може да се обезбедуваат и од други извори (легати, подароци и друго), а се користат наменски.
Од МОН потенцираат дека минатата година по иницијатива на ЗЕЛС била организирана дебата за корекции во начинот на пресметка и распределба на финансиите кои централната власт ѝ ги префрла на локалната. Информираат дека процесот ќе продолжи и во текот на оваа година за да се утврди дали е потребна промена на формулата, односно на целиот систем на финансирање на општините.
- Воедно, Министерството на барањата од општините за доделување повеќе средства во блок-дотацијата секогаш им препорачува да направат анализа на училишната мрежа и нејзина оптимизација. Превозот, согласно Законот за локална самоуправа, е во надлежност на општините, за што се задолжени да спроведат постапка согласно Законот за јавни набавки - велат од МОН.


Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема