Во владејачката демохристијанско-социјалдемократска коалиција на канцеларката Ангела Меркел овие денови се дискутира за воведување минимална пензија од 900 евра.
- Мојата цел е да не ги зголемуваме пензиите за 20 евра бидејќи тоа никому нема да му помогне. Зголемувањето мора да биде поголемо - изјави министерот за труд Хубертус Хајл.
Тој со ова сака да им овозможи финансиска помош на оние работници што цел живот работеле за минимална плата и кои моментално примаат пензија повисока од 500 евра. Овие пензионери имаат право на финансиска помош во рамките на социјална помош, а висината зависи од висината на пензијата и местото на живеење.
За коалицискиот партнер, демохристијанската унија, предлогот на министерот Хајл оди предалеку.
Фото: Pixsell
- Ние и понатаму сме за индивидуална финансиска помош, а не за паушално зголемување на пензиите - изјави Питер Вајс, портпарол на застапничкиот клуб за социјални и политички прашања.
Германската канцеларка Ангела Меркел воздржано реагираше на новиот предлог укажувајќи на коалицискиот договор во кој пишува за минимална пензија што би била за околу 10 отсто повисока од таканаречениот социјален праг, додека предлогот на Хајл во практика значи зголемување за 20 отсто.
- Предлогот на Хајл е добра основа за дебата. Овој модел не е далеку од она што го бара ЦДУ - изјави Карл-Јосеф Лауман, министер за труд на сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија.
Предлогот на СПД доаѓа во исто време кога министерот за
финансии Олаф Шолц повикува на заштеда поради очекуваниот недостиг на даночни средства поради намалениот економски раст во наредниот период.
Хајл изјави дека воведувањето на неговиот пензиски модел би ја чинело државата околу 5 милијарди евра годишно.