X
 05.02.2023 Технологија

Мажите се побрзи, жените поопширни - како луѓето пишуваат е-пораки?

Пишувате долги е-пораки во кои водите сметка за стилот и изгледот? Веројатно сте дел од малцинство. Истражување спроведено од лабораторијата „Јаху“ и Универзитетот „Корнел“ покажало дека двете главни карактеристики на електронските пораки испратени од мнозинството се брзина и краткост.

Станува збор за најобемното истражување од овој вид досега. Биле анализирани пораки од 2 милиона луѓе кои во период од неколку месеци размениле вкупно 16 милијарди е-пораки. Речиси 90 отсто од испитаниците одговараат на пораките во текот на истиот ден, а дури половина за помалку од еден час.

Одговорот најчесто содржи најмногу пет збора и не поминува 43 букви. Очекувано, младите се поефикасни кога станува збор за овој вид комуникација.

Тинејџерите одговараат на е-порака за просечно 13 минути, додека на постарите од 51 година им требаат во просек 47 минути.

Кога станува збор за половите, мажите се побрзи, но и помалку опширни од жените. Доколку сакате некој брзо да ви одговори на пораката, најдобро е да ја испратите во работен ден до 17 часот. Не изненадува ниту податокот дека луѓето најбргу одговараат од мобилен телефон, а потоа од таблет и на крај кога работат од компјутер.

Извор: Ekapija
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија