X
 05.06.2018 Технологија

Еве како „Инстаграм“ одлучува кои објави ќе ви ги прикаже

Пред две години „Инстаграм“, по пример на „Фејсбук“, најави голема промена на алгоритмите со кои е променет и редоследот на прикажување на објавите на оваа социјална мрежа. Наместо прикажувањето на последните објави на врвот, на корисниците прво им се прикажуваа објавите за кои алгоритaмот сметал дека ќе им бидат најинтересни и најважни - оваа промена голем број луѓе не ја дочекаа со воодушевување, но со текот на времето се навикнаа на неа.

Иако повеќето корисници сакаат избор, односно самите да одлучат дали објавите ќе се прикажуваат по времето на објава или по желбите на алгоритaмот, ваквиот избор сѐ уште нема да го добијат, но сега барем знаеме како алгоритaмот носи одлука за објавите што за корисниците се помалку или повеќе важни и кои ќе се прикажуваат на врвот.

1
Фото: Thinkstock


Алгоритaмот на „Инстаграм“ има три најважни фактори - интереси, неодамнешна објава и поврзаност. Интересите се однесуваат на важноста на објавата за корисниците, при што најважните објави се прикажуваат на врвот, втoриот факт е важен бидејќи за „Инстаграм“ приоритет се поновите објави, додека поврзаноста се однесува на врската помеѓу корисникот и личноста што ја објавила фотографијата или видеото на социјалната мрежа - колку е поголема интеракцијата со некој на „Инстаграм“, толку е поголема веројатноста содржината на таа личност да се прикажува на врвот.

Исто така, за алгоритaмот се важни уште три фактори според кои одлучува за прикажувањето на објавата на мрежата - прв фактор е зачестеноста на отворањето на апликацијата, потоа бројот на следбеници, бидејќи ако корисниците следат голем број луѓе, ќе им се прикажуваат помалку објави од одредени личности, а повеќе содржини од луѓето што ги следат. Последниот фактор е користење. Врз основа на времето што се поминува на „Инстаграм“, алгоритамот одлучува кога е потребно да се прикажуваат само најдобрите објави и дали на корисниците воопшто ќе им прикажува помалку интересни фотографии и видеозаписи.

Од компанијата тврдат дека никогаш не ги кријат објавите и ако корисниците продолжат да ја скролаат содржината, на крајот ќе им се прикажат сите објави, само не според временскиот редослед со кој биле објавени.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија