X
 21.07.2023 Технологија

Новата сезона на „Црно огледало“ предвидува што ќе се случува со филмовите и сериите во иднина

„Црно огледало“ повторно станува реалност. Филмските студија во Холивуд сакаат да направат дигитални копии на актерите за да можат да ги користат во филмови и серии, а на актерите да им дадат плата за еден ден работа.

Токму ова го предвиде една од епизодите од новата сезона на хит-серијата „Црно огледало“.

Неодамна „Нетфликс“ ја објави новата, шеста сезона на мегапопуларната дистописка серија „Црно огледало“ и уште на првата епизода гледачите доживеаја шок, прашувајќи се до каде ќе оди технологијата.

Во епизодата е прикажана протагонистката Џоан, сосема просечна девојка која работи досадна канцелариска работа, која има свршеник кој е совршено момче, но не го сака.

Но, тоа не е она што ја поттикнува акцијата. Заплетот е поттикнат од фактот што таа, додека ја разгледува стриминг-платформата „Стримбери“ (фиктивен пандан на „Нетфликс“), наидува на серија наречена „Џоан е ужасна“. На насловната фотографија е прикажана жена која личи на неа, а актерката што глуми во серијата е Селма Хаек. Додека ја гледа серијата, таа сфаќа дека заплетот целосно го следи нејзиниот живот во последните неколку дена.

Приказната станува сѐ побизарна, а илјадници луѓе почнуваат да ја гледаат серијата. Џоан ја препознаваат на улица и поради серијата добива отказ, а свршеникот ја напушта. Не навлегуваме во детали, погледнете ја епизодата.

Како воопшто дошло до тоа? Од една страна, корисниците на платформата „Стримбери“ ги прифатиле условите за користење иако не ги прочитале. Исто како што тоа го правиме секојдневно со социјалните мрежи и платформите што ги користиме.

Од друга страна, актерите се согласија, за пари, да ги дадат своите дигитални реплики на платформи како „Стримбери“ за да ги користат во нивните серии и филмови генерирани со вештачка интелигенција. Ако додадеме малку песимизам, уметничка слобода и хумор на Селма Хаек, имаме одлична нова епизода достојна за серија како „Црно огледало“.

Но, ако одземеме само малку, доволно за да не биде толку дистописки и нереално, ќе ја добиеме реалноста.

Ако ги следите вестите, тогаш сигурно знаете дека актерите и писателите во Америка протестираат против ниските плати и лошите услови за работа. Меѓу другото, тие протестираат и поради фактот што Холивуд сака да купи дигитални копии на актери и потоа да ги користи, на неодредено време, со еднократна исплата на актерите.

 

Така, ситуацијата во Холивуд потсетува на „Црно огледало“. Големите филмски студија моментално работат на револуционерна технологија за вештачка интелигенција која би овозможила создавање дигитални копии на актери.

Преку нивните претставници, актерите се обидуваат да преговараат за условите за користење на ваквите дигитални реплики. Идејата на филмските студија е да ги скенираат актерите, да направат дигитална реплика од нив, потоа да им исплатат плата за еден ден, а да ја користат добиената дигитална слика „засекогаш“.

Групата која моментално го застапува „Волт Дизни“ во преговорите вели дека тоа е погрешна информација. Дигитални реплики не би можеле да се користат освен за филм за кој актерите би се согласиле. За секоја понатамошна употреба би била потребна согласност од актерот и плаќање.

Извор: Srednja.hr
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија