Истражувачи од академскиот медицински центар „
Кливленд клиник“ во САД почнале ново истражување за вакцина која има цел да го спречи појавувањето на тројно негативен карцином на дојка, кој е најагресивниот и најсмртоносен облик на оваа болест. Ова ново клиничко испитување е засновано на истражување на истражувачкиот институт на клиниката, „Лернер“.
Во првата фаза треба да се одреди дозата на вакцината кај пациенти што се во рана фаза на болеста и да се оптимизира имунолошкиот одговор на телото. Американската администрација за храна и лекови неодамна ја одобрила истражувачката примена на вакцината, па може да започне истражувањето.
Фото: Pixabay
- Мислиме дека ова истражување ќе доведе до понапредни испитувања за да се утврди ефикасноста на вакцината против овој многу агресивен вид рак на дојка - изјавил докторот Г. Томас Бад, кој е главен истражувач во испитувањето.
Тој објаснил дека ова би можело да биде превентивна вакцина која би им се давала на здравите жени за да се спречи развивањето на оваа болест, за која има најмалку ефикасни третмани.
Тројно негативниот карцином на дојка нема биолошки карактеристики кои обично реагираат на терапиите што се користат за лекување на болеста. Овој вид рак опфаќа 12-15 отсто од сите ракови на дојка, но смртните случаи како последица на болеста се непропорционално поголеми.
Фото: Pixabay
Долгорочната цел на ова истражување е да се утврди дали оваа вакцина може да го спречи ракот на дојка пред тој да се појави. Вакцината се фокусира на протеин за лактација кој е специфичен за дојката, кој не се наоѓа по лактацијата во нормалното ткиво што старее, но го има кај повеќето тројно негативни карциноми на дојка. Вакцината би го активирала имунолошкиот систем против овој протеин за да обезбеди заштита од тумор.
Истражувањето се заснова на претклиничко истражување на глувци во кое се покажало дека една вакцина би можела да го спречи појавувањето на рак на дојка, а истовремено и да го инхибира растот на веќе постојниот рак на дојка.
Новото истражување ќе биде спроведено на 18-24 пациентки што го завршиле лекувањето против тројно негативниот рак на дојка во рана фаза и моментално немаат тумор, но имаат висок ризик од повторно заболување. Се проценува дека студијата ќе биде завршена во септември наредната година.
Извор:
Eklinika