X
 08.07.2022 Здравје

Експериментална терапија излекувала рак кај жена на која ѝ предвиделе неколку месеци живот

На Џезмин Дејвид, жителка на Манчестер, ѝ било кажано дека ќе живее само неколку месеци откако добила дијагноза на рак. Сега, неколку години подоцна, таа е излекувана благодарение на експериментална терапија.

Оваа 51-годишна жена добила дијагноза за агресивен облик на рак на дојка во ноември 2017 година. Таа одела на хемотерапија 6 месеци и поминала 15 циклуси на радиотерапија, како и мастектомија. Се излекувала, но ракот ѝ се вратил по две години и ѝ се раширил на белите дробови, лимфните жлезди и градната коска. Докторите ѝ кажале дека ќе живее уште неколку месеци.

Таа прифатила да биде дел од клиничко испитување на експериментална терапија во болницата „Д Кристи“.

- Кога ми беше понудено тестирањето, не знаев дали ќе функционира за мене, но мислев дека барем можам да направам нешто за да им помогнам на другите и да го искористам моето тело за следната генерација - изјавила Дејвид.


Тестирањето на терапијата траело две години, а во неа таа го примала лекот атезолизумаб, кој се користи во имунотерапија, заедно со друг експериментален лек. Дејвид раскажала дека на почетокот имала негативни ефекти како главоболки и висока температура, но подоцна започнала добро да реагира на терапијата.

- Пред две и пол години мислев дека е крајот, а сега се чувствувам како да сум преродена - изјавила таа.

Во јуни минатата година, таа немала канцерогени клетки во телото и била излечена од ракот. Дејвид сè уште ги прима лековите на секои три недели, а третманот треба да трае до декември 2023.

Извор: Interesting engineering
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје