Поетите Радован П. Цветковски и Ариан Лека ги примија наградите „Книжевно жезол“ денеска во Друштвото на писателите на Македонија. Признанијата ги добија во рамките на поетската манифестација „Празник на липите“, посветена на славењето на поетското творештво на домашните и странските поети.
На свеченоста за творештвото на Цветковски зборуваа Милица Димитријовска-Радевска, а за Лека зборуваше академик Луан Старова. Манифестацијата продолжи во 12 часот на платото пред црквата „Св. Спас“ со поетско читање на 30-мина поети.
Цветковски своето инспиративно јадро го наоѓа во душата, лирскиот белег остава дамка на сегашноста и родољубието. Истенчен и oдговорен однос кон јазикот - рече Димитријовска-Радевска.
За делото на Лека зборуваше Луан Старова.
- Албанците со Македонците живеат заедно, во исти земји и држави, односите не биле секогаш идеални, но значајна е истрајбата. Без разлика на политичкиот контекст, размената на поетските искуства била секогаш евидентна, па така и сега. Ариан Лека е заслужен жезлоносец и го продолжува и предводи сегашното македонско-албанско книжевно братство. Тој спаѓа во генерацијата која ќе заземе врвно место по паѓањето на сталинистичкиот режим во херменевтички затворената Албанија. За големите поети отсекогаш важело дека треба да ги продолжат прекинатите книжевни нишки во новото време, меѓу нив е и нашиот славеник Лека. Тој достоинствено ќе го носи „Книжевниот жезол“ - истакна Старова.