X
 16.05.2022 Наша тема

Крајот на годината – уште еден бришан простор за отстрел на учителот

Ги трчаме последните кругови од овогодишната воспитно-образовна трка. Со пречки, секако, а секоја од нив на свој начин придонесуваше трката да наликува на маратон од типот на оние, чиниш, бескрајни, кои зад секој агол нудат нова пречка и бараат многу такт, трпение, размислување и стратегија како, една по една, да се прескокнат.

Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште

Нема да се задржувам многу на природата на секоја пречка – веќе сум пишувала и јас, а и многу мои колеги, која е улогата на надлежните во исцртувањето на трасата за трчање, на родителите во додавањето вода од зад навивачката линија и во поплукувањето на учителот кој попусто се обидува да внесе елан во трчањето (и за себе, и за децата), на децата кои повеќе ги заобиколуваа отколку што ги прескокаа пречките, на структурите кои трката ја прогласуваа несоодветна среде трчањето и нудеа излез со тоа што ќе ја сопрат и декларативно ќе се борат за сите нас (можеби сама по себе, една од најдеградирачките пречки годинава, оти освен утешително пиење вода покрај трасата за трчање, подобар пласман во трката не видовме. Нема ни да видиме, се чини).Нејсе. Неколку прашања се отвораат во периодот кога веќе се наѕира транспарентот на кој пишува ЦЕЛ по истрчувањето. За матурантите, особено – уште една недела и си заминуваат. Треба ли да се запрашаме, пред сѐ, вредеше ли трката ако на целта се стига речиси последен по сите основи? Зошто како учители го дозволивме ваквото истрчување, кога досега веќе би морале да знаеме кој, како и зошто ги црта линиите? Можеме ли воопшто веќе да се избориме за она што го заслужуваме, а се мери во ученици кои знаат, надлежни кои инволвираат, родители кои почитуваат? Се чини – не. Особено сега, после сѐ, на крајот, кога и не е важно како се трчало. Крај е, што има врска. Оценки се потребни и ништо повеќе, дури ни фактот дека зад нив нема знаен габарит не е важен. Што е тоа знаење? Ние, учителите, умееме да кажеме дека крајот на годината спаѓа во категоријата програми кои можат да ја вознемират фелата. Се препорачува силен себенадзор, трпение и потпирање на аргументи (иако знаеме дека веќе многу време, силата на аргументите губи во битката со аргументите на силата). Секој што е меѓу клупите знае – не е лесно да си таму. Сите други се само навивачи кои немаат претстава која тежина учителот ја носи на плеќите. Во атмосфера во која сѐ помалку се учи, станува речиси невозможно да се поентира како учител во смисла на тоа дека учењето е важно и неопходно. Што е тоа во кое учениците можат да бидат убедени како во образовен факт, кој ќе им е потребен понатаму? Зошто би учеле, впрочем? Кој ги прашува колку знаат? Затоа имаме деца кои годините ги поминаа без ниту еден изостанок и со сите одлични оценки, а се подготвуваат летово да работат во кафуле, на брод, каде било бидејќи не можат да си дозволат да студираат и сакаат да се обидат да спечалат. Затоа имаме и деца за кои училницата беше место за отседување на годините, преспивање во клупите, ретка будност и уште поредок осет за тоа каде се наоѓаат, а се подготвуваат да се запишуваат на приватните факултети, каде било бидејќи тоа можат да си го дозволат и сакаат да си продолжат со отседувањето. Оваа генерација млади имаше и дополнителен баласт – пандемијата која ги затвори дома, барем кога е наставата во прашање, како и несреќниот изблик на учителски револт пред некоја недела. Двата баласти ги врзува едно исто: аргументот дека бидејќи не сме работеле како што треба (што, исто така, периодов беше користено како мошне ефикасен арсенал на куршуми врз нас), не можеме да очекуваме од децата ништо повеќе за возврат. И тука приказната завршува.

Што се случува, всушност? Не е новина дека крајот на годината е периодот кога и родителите кои никако да ги видиме во текот на годината се појавуваат или праќаат абери за оценките на детето. Дел од аргументите се токму овие што ги наведов погоре – ги оставивте три недели, како сега имате очекувања од нив? Повторно сме на отстрел, застанати на бришан простор и соочени со една од најмачните битки: како да направиме баланс меѓу фактот дека три недели не бевме со децата и фактот дека и да бевме, истите тие деца многу малку ќе можевме да ги поттикнеме да бидат со нас на вистинскиот начин. Затоа што не се. Како да направиме баланс меѓу фактот дека предолго не учат и фактот дека и ние сме свесни - немаат причина за тоа. Како да се помириме со тој факт, конечно.

Она што е сигурно – не е проблемот во тоа да напишеме оценка која не ја заслужуваат. Проблемот е многу подлабок – која порака ја праќаме, што всушност цела година правиме во училницата? Правиме ли нешто воопшто, а по тоа да бидеме запаметени? Како се доведовме во ситуација да не ги научиме децата дека е подобро да знаат некои прашања отколку да ги знаат сите одговори? Зошто не ги научивме да мислат, правилно да гледаат на нештата и кон нив да се однесуваат така како што заслужуваат, дури и кога е револтот на нивните учители во прашање, на пример? Како и зошто дозволивме школувањето да им го попречува образованието? Зошто создадовме состојба (или дозволивме да се создаде) во која не сме на иста линија со родителите и сега на крај, за нив сме само пишувачи на оценки?

Крајот е блиску, да. Уште еден од оние што сите ги дочекуваме со олеснување – чувство кое за учителот при разделба не смее да се појави затоа што уште една генерација деца ни заминува. Деца кои пораснале покрај нас. Но она што мора да се изговори - ако учител чувствува олеснување, тоа значи само едно: предолга е изложеноста на рафална стрелба од сите оружја. Преголем бришан простор во кој никој не нѐ заштитува. Секоја година, сѐ помалку.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема