Најбрзиот објект што човекот некогаш го направил моментално се движи низ надворешните слоеви на атмосферата на Сонцето со неверојатна брзина од околу 700.000 километри на час.
Станува збор за вселенска сонда на НАСА наречена „Паркер“, со големина на компактен автомобил, која успеа да му се приближи на Сонцето повеќе од кое било друго летало испратено од човекот.
За време на прелетот на 24 декември 2024 година, сондата се доближила на само 6,12 милиони километри од површината на Сонцето, соборувајќи сопствен рекорд и по брзина и по близина. Речиси идентични перформанси покажала и на 22 март 2025 година при уште едно блиско минување покрај ѕвездата.
НАСА сликовито ја опишува оваа брзина со споредба дека „Паркер“ би ја поминал релацијата меѓу Филаделфија и Вашингтон за околу една секунда.
Температури од над 1.370 степени
Но, не е само брзината она што ја прави оваа мисија фасцинантна. Уште поимпресивно е тоа што леталото успева да преживее во услови каде што температурите достигнуваат околу 1.370 Целзиусови степени. За да издржи таква средина, сондата користи специјален термички штит, кој се смета за едно од најнапредните инженерски достигнувања што човекот ги создал.
Штитот е изненадувачки компактен и е дебел околу 10 сантиметри, широк приближно два и пол метри и тежок околу 70 килограми.
Во текот на целата мисија штитот постојано е свртен кон Сонцето, додека научните инструменти и клучните системи се наоѓаат во сенка.
Токму тука се случува неверојатен ефект - надворешната страна на штитот се загрева на повеќе од 1.370 степени, додека внатрешната страна, оддалечена само неколку сантиметри, останува на температура блиска до собна. Со други зборови, штитот создава температурна разлика поголема од 2.400 степени на многу мал простор.
Благодарение на тоа, инструментите во леталото работат во услови што повеќе потсетуваат на климатизирана канцеларија отколку на средина веднаш покрај Сонцето.
Технологија што се развивала две децении
Развојот на овој заштитен штит траел речиси 20 години.
Инженерите уште кон крајот на 90-тите години почнале да експериментираат со материјали што можат да издржат екстремни температури и силно зрачење. Посебен предизвик било создавањето лесна јаглеродна структура и заштитен слој што нема да се распадне во услови во кои повеќето материјали би се стопиле.
Дополнителен проблем било тестирањето бидејќи на Земјата не постои ништо што може целосно да ги симулира условите во непосредна близина на Сонцето. Поради тоа, научниците морале одделно да тестираат различни делови во повеќе лаборатории, а потоа врз основа на тие податоци да пресметуваат како штитот ќе се однесува во реалната мисија. Затоа, успехот на сондата не е само резултат на напредна технологија, туку и на прецизни пресметки и долгогодишна доверба во инженерските модели.
Извор:
n1info.hr
Фото: Screenshot/YouTube