Во едно истражување во кое била направена ДНК-анализа на фосилни остатоци од коски од череп на древните Европејци, научниците откриле дека тие не поднесувале лактоза и по четири илјади години производство на сирење.
Списанието „Nature” објавува дека во времето на неолитот, бронзеното и во железното време имало големи промени во генетиката на популацијата од Централна Европа, или поточно од големата унгарска рамнина, која ги опфаќа јужниот и источниот дел на Унгарија, некои делови на словачката низина, југозападниот дел на Украина, Транскарпатската Низина, Западна Романија, Источна Хрватска и Северна Србија.
Биле потребни неколку години истражување за да се дојде до сознание дека регионот на внатрешното уво на скаменетите остатоци од коски од череп е добро заштитен од оштетување, а со тоа е идеален за анализа на античката ДНК на таа популација.
Првпат овие остатоци им овозможиле на научниците да направат систематска анализа на серија скелети од исто географско подрачје и да ги проверат познатите генски обележја, вклучувајќи ја и нетолеранцијата на лактоза.
„Нашите народи покажуваат прогресија кон посветла пигментација на кожата, што говори дека ловците, собирачите и новодојдените фармери се мешале меѓусебно, но на наше изненадување, немаше докази за зголемено присуство на лактоза или за толеранција на лактоза. Ова значи дека древните Европејци имале припитомени животни, крави, кози и овци, но сѐ уште немале генски развиено толеранција на голема количина млеко“, вели д-р Рони Пинхаси, професор на Институтот за проучување на Земјата и на Археолошкиот факултет при Универзитетот во Даблин.
Нетолеранцијата на лактоза се јавува кога телото не е во состојба да ја разложи лактозата и да ја апсорбира во крвта, при што доаѓа до надуеност, гасови и грчеви. Меѓутоа, повеќето луѓе со такви проблеми сепак можат да внесат одредена количина сирење, а притоа да немаат проблем со варењето на
храната.