X
 30.09.2020 Здравје

Знаци што ќе ви помогнат да откриете дали имате нетолеранција на лактоза

Нетолеранцијата на лактоза се однесува на состојбата во која дигестивниот систем не може да ја преработи лактозата поради недостиг на лактаза, ензим кој се произведува во тенкото црево. Без доволно лактаза, телото не може да ја разложи лактозата во глукоза, која потоа ќе се апсорбира во крвотокот за енергија.

Нетолеранцијата на лактоза не е опасна, но може да биде непријатна кога се консумираат млечни производи. Единствениот начин да се одбегне ова непријатно чувство е да се одбегнуваат пијалаци и храна што имаат лактоза или да се консумираат специјални додатоци во исхраната. Но, како би знаеле дека сте нетолерантни на лактоза? Во продолжение следуваат некои чести симптоми.

Болка во стомакот

Еден од најчестите симптоми на нетолеранцијата на лактоза е болката во стомакот. Најчесто луѓето погрешно ја проценуваат болката во стомакот со тоа што заклучуваат дека веројатно изеле нешто расипано.

Надуеност во стомакот

Повеќето од нас доживеале надуеност барем некогаш и знаат дека чувството не е најпријатно. Надуеноста може да биде несакан ефект на нетолеранцијата на лактоза и се појавува поради зголеменото количество на вода и гасови во дебелото црево.


Фото: Pixabay

Проблеми со столицата

Дијарејата е сурова реалност за некој што е нетолерантен на лактоза. Слично како надуеноста, таа се појавува поради зголеменото количество вода во дебелото црево. Кај некои лица ова се одразува со други проблеми во столицата. Гасовите, исто така, може да бидат симптом.

Гадење и повраќање

Надуеноста што беше спомената претходно може да предизвика лицето да чувствува мачнина, а тоа може да доведе до повраќање. Оваа мачнина обично се појавува во период од 30 минути до 2 часа по јадењето млечни производи.

Звуци во стомакот

Обично ваквите звуци ги слушаме кога сме гладни, но може да се појават и кога цревата се обидуваат да ја разложат лактозата кај лица што не толерираат лактоза.


Фото: Pixabay

Треба да знаете и дека има различни видови нетолеранција на лактоза. Некои се родени со состојбата, додека некои ја развиваат како возрасни или поради оштетување на тенкото црево. Според експертите, повеќето од луѓето што имаат нетолеранција на лактоза ја развиваат по двегодишна возраст, а многумина сметаат дека таа не е толку ретка.

Нетолеранцијата на лактоза почесто се јавува кај некои етнички групи, на пример, жителите на Источна Азија, Јужна Азија и некои африкански народи имаат поголем број лица нетолерантни на лактоза отколку остатокот од светот.

Постојат тестови со кои може да проверите дали сте толерантни на лактоза, а наједноставниот е пиење производ што содржи лактоза и правење тест за количеството на глукоза во крвта два часа по пиењето на пијалакот. Доколку нивото не расте, значи дека телото не го вари и апсорбира пијалакот правилно.

Автор: Кетрин Џорџ
Извор: activebeat.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје