За животот и делото на овој плоден композитор непрестајно се ткаеле најразлични приказни. Се зборувало дека целиот свој живот се борел со депресија и самоубиствени мисли, дека бил хомосексуалец, а и дека неколкупати бил во љубовни односи со свои блиски роднини.
Тој бил затворен за надворешниот свет во поглед на приватноста, не зборувал многу за себе, па останува слушателите низ неговите композиции да го црпат духот на овој неприкосновен уметник. Од тие причини, се чини дека т.н. „Патетична симфонија“ или едноставно Шеста симфонија, последното завршено дело што го компонирал Чајковски, е сублимација на целиот негов живот, на размислувањата и творештвото.
Настанувањето на Шестата симфонија
Уште во текот на 1891 година, Чајковски бил „на удар“ на инспирација за создавање на ова грандиозно дело. Но, едноставно сѐ уште не бил свесен за тоа. Во тој период интензивно патувал низ светот, запишувал нотни записи на сѐ што ќе му паднело в раце, а потоа во налетите на депресија и несигурност во својата работа ги уништувал.
Делумно тоа се случувало поради сомнеж дека ќе го надмине своето претходно дело, Петтата симфонија, делумно поради тоа што ни самиот не знаел што му се случува во главата. Му пишувал на својот внук, Владимир Давидов, дека деновите му поминуваат во уништување на своите записи во длабока вознемиреност, и дека не е сигурен што уште може да создаде.
Сепак, тоа што го создал, а кое ќе му биде од голема важност за подоцнежната работа, бил програмски текст за недовршената Симфонија во Е-мол. Во програмата пишувало:
„Основниот мотив на симфонијата е животот. Прв дел: импулсивност, страст, самодоверба, жед за динамичност (мора да биде краток). Втор дел: љубовта. Трет дел: разочарувањето. Четврти дел: умирањето и исчезнувањето (исто така краток).“
Токму од овие идеи, а исто така и од мотивски надградената приказна за човековата судбина од Четвртата симфонија и од Петтата симфонија, настанала неговата позната и последна симфонија.
Во периодот од февруари до август 1893 година Чајковски го создавал своето монументално дело, пишувајќи му со радост на својот внук Владимир за својот творечки процес:
„Работам на новото дело и ми паѓа тешко макар за момент да се одвојам од него. Верувам дека тоа ќе биде најдоброто дело што некогаш сум го компонирал и кое некогаш ќе го искомпонирам. Само морам да го завршам што е можно побрзо. Не можеш ни да замислиш колкав благослов чувствувам, сигурен дека не ми поминало времето и дека уште сум во состојба да творам.“
Веднаш по завршувањето на симфонијата следувале прашања во врска со неговата смисла и значење. Имајќи предвид дека Чајковски често пишувал прилично опширни програмски прикази на своите дела, навистина било чудно што ова дело, освен нотните записи, имало само посвета за неговиот внук Владимир Давидов.
Славниот Николај Римски Корсаков, пред изведувањето на симфонијата, љубопитно го прашал Чајковски дали постои некоја одредена приказна зад оваа симфонија, со која нескриено се гордеел нејзиниот создател. Чајковски му рекол дека постои, но дека нема да му ја открие. „Мистерија е, луѓето нека погодуваат“, рекол тој.
Изведбата на Шестата симфонија и ненадејната смрт на Чајковски
Шестата симфонија премиерно била изведена во „Карнеги хол“ во Санкт Петербург, во октомври 1893 година, под диригентската палка на нејзиниот композитор. Иако музичарите и оркестарот не биле особено задоволни од ова дело, публиката го дочекала со бурни овации и општо воодушевување, но прерано.
Имено, она што е специфично за оваа симфонија е и неочекуваниот крај. Со оглед на тоа што во првите два дела се менуваат меланхолични и весели тонови, од една страна, со детски секвенции, од друга страна, било логично да се заклучи дека третиот дел, маестрално компониран како марш, ќе биде крај на оваа симфонија, по што целата сала ја преплавил стоечки громогласен аплауз, а посетителите ги навлекле своите палта, подготвени да си одат.
Сепак, сите биле затекнати откако симфонијата продолжила со четвртиот дел, кој со одѕвонувања, завршува со шокантна тишина. Подоцна, Т. С. Елиот ова ќе го објасни со следниве зборови: „...всушност тоа е и начинот на кој светот исчезнува – не во експлозија, туку во квичење“.
По девет дена од премиерата Чајковски починал.
Се смета дека непосредно по концертот Чајковски испил чаша вода што била загадена со вирус од колера (во тоа време владеела голема епидемија).
Во негова чест, симфонијата била изведена неколку недели подоцна, но во сала обвиена во црно. Овој пат публиката била подготвена за четвртиот дел и како што вообичаено бидува, го поврзала со претпоставката дека Чајковски ја предвидел својата смрт или дека сам ја предизвикал. Одеднаш меѓу луѓето се врежало мислењето дека симфонијата претставува борба помеѓу животот и смртта, при што смртта неминовно победува.
Толкување на Шестата симфонија
По неверојатниот сплет на околности што го обележале изведувањето на последната композиција на Петар Илич Чајковски, критичарите и почитувачите на музиката почнале да ги поврзуваат фактите со кои претходно не се занимавале, а кои им станале исклучително интересни.
Пред сѐ, фактот дека Чајковски никому не сакал да му открие што го поттикнало да ја напише оваа симфонија и која мистична приказна се крие зад неа. Дури и неговиот брат Модест тврдел дека смислата на оваа симфонија е длабоко всадена во мислите на неговиот брат, дека таа тајна ја понел со себе во гробот и дека не треба да се навлегува во неа.
Сепак, откако по неговата смрт оваа симфонија била именувана како „Патетична“ или „Страсна“ (зависно од преводот), луѓето се прашувале дали ова дело е всушност ламентирање над бурниот живот на композиторот, што самиот посакал да го оконча.
До денес е невозможно да се даде одговор на прашањето дали е случајна или не смртта на Чајковски, но судејќи според писмата што во последните години ѝ ги праќал на својата роднина Ана, тој не сакал да умре. Овие се зборови од едно писмо во кое размислува за ефемерноста:
„Сосема е доволно да се живее еднаш. Се разбира, човекот секогаш жали за минатото, но секоја доба има свој посебен шарм и она што е важно не е да се остане млад засекогаш, туку да се проживее во што помало физичко и психичко страдање. Не можам да знам дали ќе размислувам вака кога сосема ќе остарам, но сега знам дека сум дури и далеку посреќен отколку кога бев млад.“