X
 14.06.2020 Култура

„Барај, сине мој, царство доволно големо за твоите амбиции“, му порачал Филип Втори на Александар Македонски

На тринаесеттиот ден од јуни во 323 година пр.н.е. (некои извори посочуваат на 10 или 11 јуни), Александар Македонски, најпознатиот освојувач во историјата, починал на 33-годишна возраст. Животот на македонскиот монарх бил низа од битки и достигнувања, како освојувањето на Персиското Царство. Но, неговото наследство не го надживеало.

- Барај, сине мој, царство доволно големо за твоите амбиции. Македонија е премала за тебе - со овие зборови македонскиот крал Филип Втори му се обратил на синот Александар кога тој имал само 17 години.


Сè до денот на неговата смрт, 13 јуни (некои извори велат 10 или 11 јуни) 323 година пр.н.е., наследството на Александар Велики, кој ја освоил Персија и го проширил своето царство во Индија, било инспирација за војсководците и освојувачите како Јулиј Цезар или Наполеон.

Синот на Филип Втори Македонски и принцезата Олимпија, член на епирската кралска фамилија, Александар Трети Македонски, познат и како Александар Велики, е роден во август 356 година пр.н.е. Бил избран од неговиот татко за иден наследник, па така и бил образован, а неговиот интелектуален развој му бил доверен на Аристотел. Кај младиот освојувач филозофот пробудил големо воодушевување кон грчката култура и древните епови, особено „Илијада“ на Хомер, која му станала омилена книга.

За време на првите години од владеењето, Александар го зголемил притисокот врз грчките градови-држави под Македонија, кои, користејќи ја смртта на Филип, се побуниле. Кога воспоставил контрола, ја продолжил политиката на ширење која неговиот татко веќе ја започнал, па во 334 година пред новата ера ја впрегнал својата војска од само 40.000 луѓе против моќното Персиско Царство. И покрај супериорноста на војската на кралот Дариј Трети, Александар го победил во битките кај Граник и Ис (333 пр.н.е.), Гавгамела (331 пр.н.е.) и битката кај Портите на Персија (330 пр.н.е.).


Кон крајот на 334 година пр.н.е. Александар одлучил зимата да ја помине во Гордион, древната престолнина на Фригија. Таму, според легендите, се наоѓала познатата кралска воловска запрега, обезбедена со комплициран јазол. Според гордиското пророштво, се верувало дека кој ќе успее да го одврзе јазолот, ќе ја освои Азија. Некои извори наведуваат дека Александар трпеливо го одврзал јазолот, други, пак, дека го пресекол со меч. Истата ноќ имало голема бура, која се толкува како одобрување од Зевс за понатамошни освојувања.


На патот низ Египет, Александар бил дочекан како херој по победата над Персијците. За време на престојот во оваа земја тој почнал изградба на неколку храмови и покажувал почитување кон локалните богови. Во Мемфис, народот, кој го сметал за ослободител, го прогласил македонскиот монарх за фараон на Египет.

Александар тргнал во освојување на Индија и иако го презел западниот дел од потконтинентот, морал да се откаже од понатамошно движење на исток поради побуната на трупите, кои биле исцрпени од долгото војување.

По победата во Индија, Александар бил целосно свесен за степенот на софистицираност кој го достигнало Персиското Царство. Фасциниран од тоа, освојувачот дури и ги прифатил обичаите и облекувањето на Персијците, што неговите офицери не го прифаќале.

Во 324 година пр.н.е. Александар отпуштил десет илјади ветерани во Опис. Сакал да организира експедиција која би отпловила до Арабискиот Полуостров. Меѓутоа, есента таа година Александар го изгубил пријателот Хефестион (наводно самиот Александар го убил по кавга). За да ја намали болката и грижата на совест, тој започнал поход, кој му бил последното војување.

Во 323 година пр.н.е. Александар се разболил. Еден топол јунски ден Александар Македонски починал во неговата вавилонска палата. И ден-денес се води расправа за причините за неговата смрт. Има и такви што посочуваат на треска, а некои, пак, велат дека бил отруен. Како и да е, неговата прерана смрт, во 33-тата година од животот, го оневозможила опстанокот на огромното царство.


Автор: Јосеп Гавалда
Извор: National Geographic
Насловна фотографија: Wikipedia

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура