Закари Данивин, социолог на Универзитетот во Дејвис, Калифорнија, гледал филм за уметникот Жан-Мишел Баскија, а одреден дел од епилогот на филмот му го привлекол вниманието. Имено, Баскија починал од предозирање со дрога на 27 години - „Клубот 27“. Овој широко распространет мит вели дека познатите луѓе, особено музичарите, имаат голема веројатност да умрат на 27-годишна возраст.
Филмот го натерал Данивин да се запраша како се пропагира митот за „Клубот 27“ и што значи тоа за луѓето што се негови „членови“. Во новиот труд на Зборникот на Националната академија на науките во САД, тој дава неколку одговори: повеќе внимание се посветува на луѓето што умираат на 27-годишна возраст поради постоењето на клубот и тоа создава позитивна повратна врска која му ја зајакнува моќта на митот и славата на оние кои му припаѓаат.
- Чудната работа во овој конкретен мит е: дури и ако не знаете за „Клубот 27“, ќе наидете на повеќе познати мртви луѓе што починале на 27 години. Направивме овој мит да изгледа како вистинит бидејќи фактот дека повеќе такви луѓе умираат на 27 години е реален - истакнал Данивин.
Идејата дека особено талентираните луѓе се склони кон прерана смрт потекнува од античко време. Како што забележал грчкиот драматург Менандер во 4 век пр.н.е: „Тој што го сакаат боговите, умира млад“.
Идејата дека музичарите, уметниците, актерите и другите креативни луѓе имаат поголема веројатност да умрат конкретно на 27-годишна возраст се појавила во поново време, по серијата смртни случаи во раните 70-ти години. Помеѓу 1969 и 1971 година, Брајан Џонс, Џими Хендрикс, Џенис Џоплин и Џим Морисон умреле на таа возраст. Случајно, сите овие рок-ѕвезди биле икони на движењето на контракултурата.
Популарноста на митот е оживеана и засилена со текот на годините, со други смртни случаи на познати 27-годишници, вклучувајќи ги Курт Кобејн и Ејми Вајнхаус.
Данивин не се фокусирал на тоа да го разоткрие самиот мит - тоа веќе било направено од друга група истражувачи во 2011 година. Наместо тоа, тој сакал да анализира како митот што произлегол како случајна, но „навистина чудна“ серија на настани продолжил да има влијание во реалниот свет, преку обликување на наследствата од другите познати луѓе кои подоцна починале на 27 години.
За податоците, Данивин и неговиот колега, социологот Патрик Камински од Универзитетот во Блумингтон, се насочиле кон базата на податоци со значајни луѓе, која ги вклучува речиси сите што се застапени на Википедија - на сите јазици. Тие ја ограничиле нивната анализа на луѓе кои се родени по 1900 година и кои починале пред 2015 година, а резултатот бил 344.156 лица.
Статистичките модели што тие ги користеле потврдиле дека нема зголемен ризик од тоа славни луѓе да починат на 27-годишна возраст. Меѓутоа, меѓу оние во 90. перцентил на слава и повисоко, оние што починале на 27 години доживеале дополнителен поттик во популарноста што не може да биде објаснето од други фактори. Ефектот бил особено изразен за најпопуларните од славните личности, или поединци кои приближно го постигнале 99. перцентил на славата.
- Тоа покажува дека луѓето што умираат на 27 години имаат значително поголема веројатност да бидат попопуларни од оние што умираат на 26 или 28 години - рекол Данивин.
Извор: scientificamerican.com
Фото: Freepik