Луѓето денес не ги избегнуваат социјалните интеракции повеќе од порано, но сигурно дека повеќе зборуваат за тоа. Развојот на дигиталната комуникација изгледа дека креира интроверти кои времето го поминуваат пред мобилните уреди, а сè помалку во социјална интеракција.
Социјалната анксиозност е едно од најчестите ментални заболувања, но е малку сфатено од научните кругови. Добрата вест е дека може да се третира, според директорот на програмата за социјална анксиозност од Универзитетот на Бостон, Стефан Г. Хофман.
Тој истакнува дека луѓето имаат силна желба да бидат дел од група и да бидат прифатени од група. Социјалната анксиозност е страв од опцијата дека можеби нема да бидеме прифатени. Се работи за нормална фаза низ која поминуваат прво децата, кога имаат страв од непознати лица. Подоцна во животот, повторно ни е неудобно во нови ситуации и тоа е сосема нормално. Станува проблем кога почнува да пречи во секојдневниот живот, па тогаш настанува нарушувањето.
Хофман потенцира дека најчестиот проблем за луѓето со социјална анксиозност е всушност депресијата. Потоа следуваат генерализираното анксиозно нарушување и паничните напади. Многумина кога ги имаат овие проблеми, се изолираат, но сепак сакаат да бидат социјално прифатени. Поради таа борба што ја водат во себе, често подлегнуваат на алкохол и лекарства. Се случува поради овие проблеми да пропуштат многу можности во животот.
Прекумерна грижа и предвидување на најлошите можни сценарија се најчестите симптоми на ваквото нарушување. Анксиозните луѓе велат дека немаат контрола над својата анксиозност, над своето тело и начинот на кој реагираат, па затоа често избегнуваат или бегаат од одредени ситуации. Хофман истакнува дека тие луѓе мора да се соочат со својата анксиозност. Терапијата без лекови е поефективна на долг рок. Треба да се идентификуваат мислите што се создаваат кај овие луѓе и да се дефинира што е она што ја предизвикува анксиозноста. Потребно е да се уверат дека соочувањето со ситуациите од кои стравуваат нема да им донесе ништо лошо, односно дека нивните стравови се нереални. Ваквиот пристап секогаш дејствува и има подобрување во 75 % од случаите, вели
Хофман.