X
 05.08.2019 Живот

Шуклев и Николов се вратија од Кина по поминати 23.000 километри со „рено 4“

Џоко Шуклев од Стојаково и Ѓорѓи Николов од Гевгелија се вратија во Македонија откако поминаа 23.000 километри со олдтајмерот „рено 4“. Тие беа дочекани од голем број луѓе, кои ги чекаа во дворот на училиштето „Кирил и Методиј“ во Стојаково. Таму се прослави успехот на двајцата авантуристи, кои со олдтајмерот стасаа до кинеската граница и се вратија назад. Турнејата на Шуклев и на Николов започна на 29 јуни, а заврши вчера, еден ден по 58-тиот роденден на моделот „рено 4“.


-Што сѐ не пребродија во овие 23.000 километри, почнувајќи од Карпатите, па Украина, влез во Москва, возење низ цела Русија, поминувајќи ја планината Урал, граница помеѓу Европа и Азија, па Бајкалското езеро, за потоа да влезат во Монголија, каде што им се случија неколку разочарувања - најпрво срцепарателната сапуница со Жаклин, па многу, многу тешкиот пат по кој се возеше низ Монголија за потоа да дојде и психичката тортура со влез во Кина, која сепак успеавме да ја пребродиме со голема помош на македонската дипломатија - стои на фејсбук-страницата посветена на авантурите на Шуклев и Николов, наречена „Од Стојаково до Ница со Рено 4“.



Колку за потсетување, Николов и Шуклев, не можеа да ја преминат монголско-кинеската граница зашто немале договорено туристичка агенција и кинески возач со кој би се движеле на територијата на Кина. Кинеските гранични власти не попуштија пред молбите да влезат со олдтајмерот, па возачкиот тандем беше принуден во Пекинг да пристигне со авион.

И враќањето си донесе потешкотии, неколку технички проблеми и скршнување кон Полска за да се извозат планираните 23.000 километри. Потоа Шуклев и Николов возеа јужно - по течението на реката Дунав, па преку Бугарија, Грција и преку граничниот премин Дојран стасаа во Македонија.

Ова не е првата авантура на Шуклев и Николов. Нивното „рено 4“ минатата година стигна и до Ница, а целта на овие двајца ентузијасти е со автомобилот да ја свртат целата Земјина топка.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот