Во последните месеци, како што се зголемуваа тензиите помеѓу Вашингтон и Пекинг среде пандемијата на коронавирусот, аналитичарите и властите станаа позагрижени за апликацијата „Тик-ток“, која е во сопственост на кинеската технолошка компанија „Бајтденс“. Експертите се загрижени дека кинеската влада има пристап до разни податоци за корисниците преку апликацијата.
Американската компанија „Мајкрософт“ е во преговори да ги купи американските активности на „Бајтденс“, која можеби ќе нема избор доколку сака да остане во земјата. Но, САД не се единствената земја што е загрижена за „Тик-ток“.
Фото: Freepik
Индија
Пред Индија да ја забрани апликацијата летово, таа била достапна на 14 јазици и имала околу 200 милиони корисници во земјата - најмногу надвор од Кина. Индија ја забрани апликацијата откако кинески трупи убија 20 индиски војници на границата помеѓу двете земји во јуни. Ова ги зголеми тензиите помеѓу државите и Индија забрани над 50 кинески апликации, вклучувајќи ја и „Тик-ток“.
Според „Форбс“, „Тик-ток“ може да загуби до 6 милијарди долари поради забраната.
САД
По забраната од Индија, државниот секретар на САД, Мајк Помпео, изјавил дека земјата сериозно размислува за истиот чекор поради проблеми со приватноста кои се поврзуваат со апликацијата. Помпео изјавил дека луѓето треба да ја преземат апликацијата само доколку сакаат нивните приватни информации да бидат во рацете на комунистичката партија во Кина.
Минатата недела претседателот Доналд Трамп изјави дека САД ќе ја забранат апликацијата. Од „Бајтденс“ тврдат дека податоците од американските корисници се чуваат на американска почва и дека правилата за содржините и уредувањето се водени од тим во САД кој не е под влијание на Кина или кинеската влада.
Австралија
Владата на Австралија спроведува истраги за апликацијата, според медиумите. Имено, медиумите пренесуваат дека премиерот Скот Морисон наредил истрага за потенцијалните закани за приватноста на корисниците на апликацијата и нејзините политики за приватност.
Фото: Freepik
Европската Унија
Европската Унија не објавила официјално предупредување или забрана на апликацијата, но започнала истрага за политиките за приватност на апликацијата.
Јапонија
Пратеници во Јапонија работат на барање во кое ќе ја повикаат јапонската влада во септември да побара официјална истрага на кинеските апликации во земјата и нивното користење на податоците на корисниците.
Турција
Претседателот Реџеп Таип Ердоган долго се обидувал да ја зголеми контролата на социјалните мрежи во земјата, а парламентот неодамна одобри закон со кој од социјалните мрежи ќе се бара поголема соработка со владата во регулацијата на платформите. Од октомври овие компании мора да имаат локален претставник во Турција кој ќе се координира со судовите за блокирање и бришење објави.
Агенцијата „Анадолија“ минатиот месец пренела дека Турција почнала истрага за „Тик-ток“ и начинот на кој платформата управува со личните податоци.
Фото: Freepik
Индонезија
Геополитичката тензија со Кина не е единствената причина поради која „Тик-ток“ се забранува од страна на земјите. Индонезија привремено ја забранила апликацијата во 2018 поради грижи поврзани со порнографија и несоодветна содржина. Забраната била укината за помалку од една недела откако апликацијата се согласила да цензурира дел од своите содржини.
Пакистан
Владата на Пакистан издаде „конечно предупредување“ до „
Тик-ток“ во јули поради грижи слични како оние на Индонезија, тврдејќи дека ќе ја блокира апликацијата во земјата доколку таа не ја отстранува неморалната, непристојната и вулгарната содржина од платформата. Земјата изјавила дека слично предупредување било издадено претходно, но тоа не довело до задоволителни резултати.
Извор:
washingtonpost.com