X
 05.09.2018 Образование

Земји со најдоброто образование во светот

Како што предвидува Светскиот иновативен самит за образование, до 2030 година образовниот систем во светот би можел да претрпи значајни промени. Се предвидува дека училиштата ќе станат интерактивни опкружувања во кои иновациите во технологијата и наставните програми фундаментално ќе ја трансформираат улогата на наставникот и ќе го променат начинот на учењето.

Но, какви се образовните системи во светот во 2018 година?

Секоја година Светскиот економски форум го објавува својот извештај, рангирајќи ги државите врз основа на светската економија. Државите се рангирани според 12 столба на конкурентност, а ги вклучува макроекономијата, околината, инфраструктурата, здравјето и основното образование.

деца
Фото: Shutterstock


Врз основа на овој извештај, на последно, 137. место, се наоѓа Мавританија. Поради недостиг на податоци за нашата земја, Македонија била исклучена од извештајот.

Ова се некои од државите што се на самиот врв по квалитетот на образовниот систем.

11. Норвешка

Оваа држава на големо ги финансира сите нивоа на образовен систем. Јавното образование е бесплатно, освен на претшколско ниво, каде што родителите плаќаат даноци. Расходите за образовен систем, како процент од бруто-домашниот производ, се едни од најголемите во споредба со другите земји. Норвешка може во иднина да се потпре на силните институции и добриот систем на образование.

10. Нов Зеланд


Училиштата, универзитетите и институциите на оваа островска држава се светски познати по своите стандарди. Образованието во Нов Зеланд е сконцентрирано на учениците, на кои им овозможува континуирана настава и напредок во учењето, така што знаењето стекнато на едно ниво поставува темели за наредните чекори.

9. Германија


Иако оваа држава е светски позната по своето образование и високо рангирани универзитети, образовниот систем во Германија доживува континуирани промени и реформи. Меѓу реформите направени во последните неколку години се случи реорганизација на гимназиите, додека на академско ниво е применета Болоњската декларација. Ова е направено за глобално да се зголеми вработувањето на германските студенти.

8. Канада


Квалитетот на образование и животниот стандард во Канада се меѓу највисоките во светот, а трошоците за живот и школарината за меѓународните студенти генерално се пониски отколку во другите земји, како САД и Велика Британија. Како таква, Канада е често најпосакуван избор за студенти.

7. Ирска


Повеќето средни училишта во Ирска се во приватна сопственост и управување, но се финансирани од страна на државата. Исто така, постојат и сеопфатни и стручни државни училишта. Но, неодамнешниот извештај покажува дека буџетот на образованието падна за 15 отсто за време на финансиската криза, укажувајќи на тоа дека нејзиниот образовен систем би можел да пропадне во иднина.

6. Холандија


Образованието во Холандија се смета за високо квалитетно. Според извештај на УНИЦЕФ од 2013 година, децата од Холандија се најсреќни во светот. Училиштата не даваат многу домашни задачи до средно, додека учениците пријавуваат помал притисок и стрес. Училиштата се поделени на верски и „неутрални“, а мал број се приватни училишта.

5. Катар

Катар во голема мера го подобрува образованието како дел од проектот „Визија 2030“. Училиштата што ги финансира владата нудат бесплатно образование само за државјаните на оваа земја, додека многу странски државјани обично ги испраќаат децата во приватни училишта.

4. САД


Во учебната 2016/2017 година САД беа домаќини на над милион меѓународни студенти. Меѓународните уписи на студентите пораснаа и во изминатата деценија. Сега постојат двапати повеќе меѓународни студенти отколку што имало во 80-тите години.

3. Финска

Финска рутински го надминува рангирањето на глобалните системи на образование и е позната по тоа што нема никаков ограничувачки систем - сите ученици, без оглед на способноста, учат во исти одделенија. Како резултат на тоа, јазот помеѓу најсилните и најслабите ученици е најмал во светот. Исто така, финските училишта даваат малку домашни задачи и имаат само еден задолжителен тест на 16 години.

2. Сингапур

Сингапур се најде на високо место на ПИСА-тестирањето, кое ги мери и споредува резултатите на студентите во различни држави. Но, училишниот систем на оваа држава е познат по тоа што ги става учениците под голем стрес уште на рани години.

1. Швајцарија

Само 5 отсто од учениците одат во приватни училишта во Швајцарија. Лекциите се учат на различни јазици во зависност од швајцарскиот регион, а најчести јазици се германскиот, францускиот и италијанскиот.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование