X
 26.01.2021 Образование

Граѓански организации на состанок со Царовска за образовните реформи

Министерството за образование и наука - МОН, Бирото за развој на образование и членовите на работната група денес на состанок со граѓански организации ги продолжија консултациите за предложените реформи во основното образование.

Од МОН велат дека граѓанските организации ги кажале своите предлози и сугестии, и дале безрезервна поддршка на целиот процес.

- Огромна поддршка за предложената концепција за основното образование добивме денес од граѓанските организации. Реформите се оценети дека се во најдобар интерес на учениците и на наставниците и со нив се јакнат основните граѓански вредности, како што се: еднаквоста, инклузивноста, мултикултурноста и недискриминацијата - вели министерката за образование и наука Мила Царовска.

Бранимир Јовановски, претседател на „Мобилност“ - Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет, истакна дека високо на скалилото на приоритети на секое лице со попреченост е образованието.
- Конечно треба да се сруши парадигмата за лицата со попреченост дека се неспособни, и тоа особено во раната возраст, а тоа ќе се направи преку реформите во образованието - рече Јовановски.

Од Фондацијата „Отворено општество“ велат дека со новата концепција ќе се намали образовниот јаз кај помалкубројните заедници, со правото на избор на материјали кои сега ги нема на сите наставни јазици.

- Ако имаме консензус за нешто во државата, тоа е дека не ни чини образованието. Сите сме сложни дека ни се неопходни промени во образованието - рече Споменка Лазаровска.

Ирена Цветковиќ од Коалицијата „Маргини“ изјави дека новата концепција ги става принципите на родова рамноправнаст, недискриминација и ненасилство во својата основа и затоа даваат силна поддршка.

Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет истакна дека во образованието сега недостига еден пристап кој ќе овозможи меѓуетничка интеракција.

- Оваа концепција ќе ја пополни таа празнина. Во оваа концепција тоа е многу видливо. Младите луѓе да ги запознаваат карактеристиките на другите етнички заедници - нешто што досега недостигаше во образовниот процес, а сето ова ќе резултира и со намалување на процентот на насилството - рече Пировска.

Реформата во основно образование е дел од Стратегијата на МОН за периодот 2018-2025 година, предвидена е со Законот за основно образование и е дел од владината програма.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование