X
 05.09.2019 Наука

Научен „Оскар“ за Јадранка Шепиќ од Хрватска - добила над 800.000 евра

37-годишната Јадранка Шепиќ од Институтот за океанографија и рибарство во Сплит, Хрватска, доби грант „ЕRC“ од 806.250 евра за петгодишниот проект во кој ќе прави анализа на екстремните нивоа на морињата по должината на европските брегови.

Грантот често се нарекува и европски научен „Оскар“, а особено е интересно што во објавата на Европскиот совет за истражување нејзиниот проект беше издвоен како еден од деветте примери за победнички проекти.

Како што вели таа, целта на нејзиниот проект наречен „SHExtreme“ е да го процени придонесот на високофреквентни осцилации на екстремните нивоа на морето по должината на европските брегови, како во сегашната така и во идната клима.

- Се предвидува дека до крајот на 21 век просечното светско ниво на морето ќе се зголеми. На пример, високата вода во Венеција, ураганите на Атлантикот, метео-цунами во централниот дел на Јадранското Море, сите овие поплави ќе бидат сè подеструктивни доколку нивото на морето е повисоко. Важно е да се проучат овие процеси за да може општеството подобро да се подготви за нив, меѓу другото, со подигнување на бреговите, градење заштитни брани и слично - објаснува Шепиќ.

1
Фото: Приватен албум

Проектот „SHextreme“ почна на 1 септември, а за него ќе бидат вработени повеќе луѓе.

- Во проектниот тим ќе биде еден докторанд, уште еден постдокторанд, како и домашни и странски научници кои се занимаваат со оваа тема - вели Шепиќ.

Европскиот совет за истражувања оваа година доделил 408 грантови за „ERC“, за кои во рамките на програмата се издвоени 621 милион евра.

Карлос Моедас, европски комесар за истражување, наука и иновации, во оваа пригода рече дека на истражувачите им е потребна слобода и поддршка за да ја следат својата научна љубопитност доколку сакаме да ги најдеме одговорите на најтешките предизвици денес.

Во посебно соопштение Советот нагласи девет доделени теми од девет важни области на истражување.

- Успешните истражувања на кандидатите покриваат различни теми, вклучувајќи и проучување на можноста храната од шумата да го реши проблемот со гладот во светот; процена на интензитетот, зачестеноста и распределбата на екстремното ниво во Европа, истражување како технолошките компании можат да ги продаваат своите производи и да бараат доверба кај клиентите, откривање вештини за преживување кај едноклеточните организми. Погледнете ги сите девет примери на истражувања избрани за финансирање во Хрватска, Данска, Финска, Франција, Германија, Холандија, Полска, Шпанија и Велика Британија - стои во соопштението на Советот.

Најмногу грантови оваа година отидоа во Германија (73), Велика Британија (64) и Холандија (53). Словенија доби два гранта, а Хрватска само еден.

- Вторпат се пријавувам за ваков проект. Првата пријава не беше успешна, но добив рецензии што ми беа од исклучителна корист кога аплицирав за нов проект. Во секој случај, би ги охрабрила сите да ги пријават своите проекти. Рокот за пријава на таквите проекти веројатно ќе биде до крајот на октомври - вели Јадранка.

Европската Унија го основала Европскиот совет за истражување во 2007 година. До денес околу 9.000 врвни научници од различни националности добиле грантови. Буџетот со кој се покрива финансирањето на проектите од 2014 до 2020 година е тежок над 13 милијарди евра.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука